Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес оствари средба со Мешовитиот парламентарен комитет на Европската Унија и Република Македонија.
На средбата, како што информираат од партијата, се разговараше за евроатлантската иднина на државата, актуелните политички случувања во државата, како и престојниот референдум.
-Соговорниците беа едногласни дека интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО е клучна за развој на животниот стандард на граѓаните како и реформските процеси во правосудството, здравството и образованието и целокупен развој на државата. Мицкоски ја истакна посветеноста на ВМРО-ДПМНЕ на интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО што е од стратешки и државен интерес, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски им посочи на своите соговорници дека договорот за името со Грција, ВМРО-ДПМНЕ не може да го прифати, поради фактот што тој е спротивен со начелата и принципите на партија, а во иднина ќе претставува и правен механизам за блокада на интеграцијата на Македонија во Европската Унија.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ го потврди и ставот дека граѓаните на Република Македонија се доволно зрели и достоинствени за самите да одлучат како ќе постапат на 30-ти септември.
На претставниците од Европскиот Парламент им беше укажано дека актуелната влада има незадоволителен прогрес во реформските процеси потребни за членство во ЕУ и дека нивната лична поддршката и залагање ќе бидат клучни за напредокот во интеграцискиот процес на Македонија.