Актуелно 10.01.2019 19:43

Мицкоски: Северна е можеби татковина на Заев, но за мене и народот наша е само Македонија и така ќе остане

Мицкоски: Северна е можеби татковина на Заев, но за мене и народот наша е само Македонија и така ќе остане

Македонија е името кое го менуваат, оние внатре во ова Собрание, тие кои одат спротивно на волјата на народот јасно изразена на 30-ти септември. А не знаат дека име, име со дугме не се брише име со хартија не се менува. Тоа е она што сме, она што сме биле и она што ќе продолжиме да бидеме. А нека не заборават секој кој тргнал против народ свој, народот ќе му се случи, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во својот говор пред Собрание.

Тој порача: „Да се биде Македонец најпрвин е света работа, а потоа проклетство и немир. Тој немир го чувствуваме и денес, но Македонецот веќе се крева над неправдите , веќе го пушта својот крик за своите права“.

-Северна не е мојата татковина. Можеби на Заев, но не и мојата. Не на народот. Наша е само Македонија, така и ќе остане. Заев со неговото владеење ќе остане запаметен на темната страна на историјата. Како човекот кој продал најмногу од територијата на Република Македонија и македонскиот идентитет, а не изградил ништо. Како човекот кој држел преку година дена луѓе, родители, браќа и сестри, соседи  во притвор за политички случаи, ќе остане запаметен како човекот кој го продал името на сопствената држава. Паѓаат и тоа се гледа секој ден паѓаат вртоглаво. Ја губат контролата и тоа им е јасно. Ова се последните крици и мрдања на оваа забревтана и прокувана машина од 90-тите од периодот на транзицијата ова се последните остатоци што ќе ја газат оваа напатена држава и овој народ. Со сиот свој недемократски потенцијал надежта им е само на наместени избори да победат. Па затоа тргнаа пред претседателските избори да вработуваат, да вдомуваат, да корумпираат, малку од малку да купат мир во своите редови затоа што ветуваа многу. Но залудно е, тоа нема да им помине, ниту пак нови избори кои ќе ги наместат ќе им поминат. Ниту сите овие аналитичари поранешни помилувани политичари кога викаат дека ВМРО ќе бојкотира, нема да бојкотира ВМРО. Со сите неправди и со сите злоупотреби ВМРО-ДПМНЕ  и Коалицијата за Подобра Македонија, ќе ве растури на претседателските избори, така што нема да знаете што ве снашло. Не ги плаќајте за бадијала, нема потреба да им ги уништувате децата. Со врски да ги вработувате во државни фирми за можат они проценки да ви прават. Оставете ги децата сами да си ја заслужат својата работа. Нема потреба да се трошоците во поткуп на такви аналитичари. Ќе одиме на избори и жестоко ќе ве поразиме од прв до последен. Македонци, браќа и сестри да си вратиме државата да се избориме за нејзе. Кренете ги главите гордо високо. Овој црн ден ќе биде осветлен со нова зора исто како што ќе бидат осветлени и сите они минати црнила кои што се позади нас.  Ние сме ВМРО и нема да не скршат, ВМРО е народот, а народот е Македонија. Хартијата трпи се, но во срцата остануваме она што сме и она што ќе бидеме македонци а нашата татковина беше, е и ќе остане  Република Македонија.  И по сите студови и ладни денови, по сите дождови и ветрови остануваме како ВМРО-ДПМНЕ со народот и никогаш не смееме тоа да го заборавиме. Не смееме да ги повториме грешките од минатото. ВМРО-ДПМНЕ е со народот и кога ќе ја формираме идната влада на Република Македонија така треба и да останеме. Да работиме само за народот на Република Македонија и да бидеме меѓу народот. Да си ја вратиме Македонија, заеднички да ја изградиме нашата среќа да се избориме за нашата иднина. Да живее Македонија, ова име кое се изговара со чест и длабока емоција. Да живее Македонија, збор кој се изговара со внимание со гордост во срцата, и силна енергија. Со посебно чувство, и почит и наклон. Македонија е нашата љубов, заедничка емоција, нашиот завет, нашата татковина, и дедовина. Македонија останува нашата иднина, порача Мицкоски.

Најнови вести