Актуелно 19.01.2019 11:39

Мицкоски: Со празнување на овој свет ден се потврдува нашата верба и почитување на традиционалните вредности

Мицкоски: Со празнување на овој свет ден се потврдува нашата верба и почитување на традиционалните вредности

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски испрати честитка до Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископ Охридски и Македонски Г.Г. Стефан.

Неговата честитка ја пренесуваме во целост: 

Дозволете ми во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ, на членовите на Синодот, на ценетото свештенство и монаштво, како и на сите православни верници во Република Македонија и дијаспората, да го честитам големиот христијански празник, Богојавление – Водици.

Славејќи го Исусовото крштевање го прославуваме нашето духовното раѓање и почеток на човековото живеење во верата и богоугодниот пат. Со празнување на овој свет ден и празник се продолжува негувањето на нашата традиција и се потврдува нашата верба и почитување на традиционалните вредности кои се дел од нашето општество и дел од секој граѓанин.

Мирот, среќата,  радоста, здравјето, добрината, хуманоста да надвладеат на овој ден и во текот на целата година кај секој граѓанин. Заедно да се стремиме да ја постигнеме нашата конечна цел за поуспешна Република Македонија во која ќе живеат задоволни граѓани. Овој ден да е поттик да го сочуваме она што го имаме, нашата татковина, нашето име, јазик, култура и идентитет, а со тоа да го зацврстиме единството и да продолжиме да си помагаме и да ги унапредуваме вредностите кои се предност на нашето општество.

Денес нашата држава се соочува со тешки предизвици, со променето име, идентитет, со менување на карактерот на државата, со погазено достоинство, со економска сиромаштија. Сето ова мора да се смени. Поразите да бидат заменети со победи, исправени и обединети да ги смениме работите.

Во духот на овој голем празник да го поттикнеме најдоброто од нас и искрено да  си посакаме во нашите срца да се всели мирот и  разбирањето.

Нека ни е честит и вековит големиот христијански празник!

БОГ СЕ ЈАВИ! НАВИСТИНА СЕ ЈАВИ!