Актуелно 24.11.2018 15:48

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ излегува на улица, да го поразиме црното владеење на Заев

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ излегува на улица, да го поразиме црното владеење на Заев

Првиот протестен марш на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржи во среда, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за „Република“.

Тој најавува дека собирот ќе започне пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ до Владата на Република Македонија. Потоа ќе биле организирани протести и во другите градови на Македонија. Мицкоски вели, чекор по чекор ќе се отргнеме од ова зло кое го носи владата на Заев.

Во продолжение целото интервју на Мицкоски за Република.

Во неколку наврти сте изјавиле дека оваа влада е неспособна. Од таму, пак, велат дека го поправаат пропуштеното од претходната влада. Каков вашиот коментар на сето ова?

Мицкоски: Во 2016 година пред парламентарните избори истите ликови од сегашната власт велеа дека работите нечинат и дека имаат план за сѐ, дека ќе донеле живот, просечна плата од 500 евра, развој на економијата, повеќе пари. Годинаипол подоцна велат дека работите и понатаму биле лоши како резултат на претходната влада и затоа сѐ уште немале некакви постигнувања. Јас би рекол нека се одлучат кога лажеа, пред изборите или сега кога настапуваат со истите неиздржани тези, или пак си лажат постојано.

Можеме да живееме во минатото и до изутрина да дискутираме за работите кои можеле да бидат направени или биле погрешно направени, но ниту една од овие работи нема да донесе решение за актуелните проблеми. А за тоа дека оваа влада е најнеспособната до сега, не треба некоја длабинска анализа, оваа влада паѓа на основниот тест, тестот на времето. Црно време за граѓаните, црно политичко мочуриште за Македонија.

Заев најави дека ќе се прави реконструкција на Влада.  Дали мислите дека може да изненади со некои нови решенија?

Мицкоски: Не е потребна реконструкција, веќе таква реконструкција имавме и освен решенија кои се последица на коалициски договори, квалитет и додадена вредност не видовме. Потребна е смена на владата.
Луѓето на Заев знаат дека тоне, затоа го оставаат на цедило. Знаете зошто се капиталните инвестиции пониски од 30 отсто? Едно е зашто не ги бива, а второ е зашто нивните први луѓе на институции не сакаат да потпишуваат, не сакаат да потпишуваат зашто знаат дека така ќе бидат дел од криминалната дружина на оваа влада. Пристигнуваат информации од институциите што се случува внатре и треба да бидат свесни дека еден ден се ќе дојде на ревизија, како е направено и што е работено. До нас стигаат алармантни информации за работи што се прават по министерствата и сето тоа мора да биде добро изанализирано, затоа што мора еден ден да се стави крај на безаконието и да започне да владее законот во оваа држава.

Од многу комбинирање премиерот Заев се прекомбинира и секој ден се повеќе се забрува неговиот пад. Го оставаат да тоне и затоа што гледаат дека политички тоне, дека ова е неодржливо и дека самиот е виновен за она во што се доведе. Па погледнете каде се Димитров, Шеќеринска, ги снема, тие се искусни политичари и веќе почнуваат да го чувствуваат мирисот на политичкиот крај на Заев. Овој негов пад во следниот период се повеќе ќе се акцелерира, рапидно ќе оди надолу.

Актуелна тема е азилот на Груевски во Унгарија. Дали бегството на Груевски е товар на ВМРО-ДПМНЕ?

Мицкоски: Бегството на Груевски оди на контото и е товар на Зоран Заев и на Оливер Спасовски. Имаме вештачко продолжување на темата. Колку повеќе се збори за Груевски, толку помалку ќе се збори за уставните измени, но и за крахот во економијата. Се слуша ли премиерот Заев што говори, дека Груевски го киднапирале. Каков е овој премиер кој дозволил неговиот претходник да го киднапираат, ако е така, па тоа е двојно голо за Заев. Друга работа, адвокатот на Груевски јавно изјави дека тој откако исконтактирал со Груевски од Будимпешта веднаш пријавил во судот.  Затев тоа сигурно го знае. Тогаш зошто лаже дека Груевски е киднапиран?! Свесно лажел. Трагикомично. Ова е уште еден од обидите за продолжување на темата и хранење на таа димна завеса. Човекот три години не е премиер, не е тој што сега треба да ги решава проблемите, главната мака во оваа држава е што Заев ништо е работи. Не треба да живееме во минатото, Груевски нема да ни донесе 500 евра плата, тоа Заев треба да го донесе затоа што го вети. Груевски нема да донесе почист воздух, тоа треба Заев да го направи, Груевски нема да ја подобри економијата, тоа Заев мора да го направи.  Заев ги зголемува даноците , ја зголеми акцизата. Заевата влада треба да ги разреши случаите на убиства во центарот на Скопје, а не груевата влада.  Има уште еден милион вакви работи. До кога во оваа држава ќе живееме во минатото, потребно е да гледаме напред.

Пешевски во писмо ви порача дека треба поголема храброст, и конечно ВМРО-ДПМНЕ да го прифати договорот со Грција. Вие, досега, како лидер на опозицијата, немавте коментар за ова.

Мицкоски: Околу писмото, поточно многуте писма, би дал еден генерален одговор – политичката хајка која се води од власта кон ВМРО има своја цел, но и своја функција. Токму таа предизвикува страв кај многу луѓе, и затоа ќе видите ставови на луѓе кои се различни од нивните претходни изјави и ставови, ќе забележите изјави кои се многу различни со сето она што претходно го тврделе, ќе видите една неудобност во улогата која тие ја преземале да ја носат и товарот за кој прифатиле да го понесат. Се мачат. Се гледа на нивните лица, неприродна улога. Маневрираат. И јас имам разбирање бидејќи на тој притисок луѓето различно реагираат.

Ставовите на ВМРО-ДПМНЕ остануваат непроменети во однос на договорот и во однос на уставните измени. Секој предлог кој е конструктивен и на линија на нашите ставови е добредојден.

Во едно интервју кажавте дека институциите добро знаат каде се движите, дали тоа значи дека ве следат службите?

Мицкоски: Пред да дојдам до одговорот на ова ваше прашање, вистинскиот проблем не е дали следат службите, туку што воопшто немаме правна држава. Најдобар доказ дека обвинителството не функционира и поткрепа на тезата дека нам ни треба нов обвинител или нова обвинителска институција е фактот што претседателот на државата, повторувам, претседателот на државата излегува и кажува дека бил следен, и од обвинителството нема ништо, никаков случај, нема истрага, се заташкува работата. Па јавно ќе ви кажам дека тие со будно око ја следат комплет цела опозиција. Имам отворен сомнеж дека ја следат цела опозиција, затоа е и отворениот сомнеж дека ме следат мене, моите соработници, но и тоа нема да им помогне. На Александар Николоски му објавуваат фотографии од средби на улица. И што мислите не го следеле Груевски и не,знаеле дека заминува?! Како тоа Вучиќ знаел, Албанија знаела, само Заев и Спасовски не знаат. Најмалку што треба да направи Спасовски е да си поднесе оставка веднаш. Човекот ја девалвира одговорната позиција со која не може да се носи. И не само тоа, што стана со реформите во полицијата, со реформите од Прибе, што стана со професионализацијата на полицијата. Ништо! Нема ниту една акција против организиран криминал, нема откриен шверц, казнет криминал. Цел апарат впрегнале за пресметка со опозицијата.

Барате оставка од Спасовски?

Мицкоски: Токму така. Спасовски мора да замине. Тој не расветли еден куп убиства, Спасовски нема реформи, си ги ослободува од затвор соработниците кои му ги фатија во криминал, во корејски стил ни пушти полиција да го окупира штабот. Оставка е првото нешто што треба да се случи.

Дали поддржувате процес на помирување?

Мицкоски: На ова ќе одговорам со прашање. Зошто е потребно помирување? И ќе ви одговорам, јас ќе ви го дадам одговорот, треба помирување затоа што има политичи прогон. Нека престане политичкиот прогон и веднаш ќе има помирување. Тоа не носи ништо добро за никој во оваа држава. Јас не велам да нема постапки, ама постапки по закон, во кои се почитува пресумпција на невиност, во кое обвинителот и одбраната имаат ист третман, во кој се почитуваат процедури, во кои има достоинство и вистиска потрага по правда, а не правда која е неправда, поход во кој се бара крв и во кој се жигосува, во кој политичкото водство на МВР бара притвор и судот определува притвор, во кое владеат сомнежите дека премиерот кажува кој, кога и на колку годии ќе биде осуден… Тоа не е евроатланстака Македонија.

И амнестијата е едно од решенијата. Ние поднесовме закон за амнестија за случувањата за 27 април, и тој е добра основа за разговор и изнаоѓање на решение. А што се однесува за општественото помирување ВМРО-ДПМНЕ има план и тоа треба да се одвива паралелно со процесот на реформи потребни за европската агенда каде сме подготвени да дадеме квалитативен придонес со цел остварување прогрес.

Владата вели дека нејзините проекти се видливи и дека нѐ очекува година на раст. Кои се вашите очекувања?

Мицкоски: Се промовира евтин беден филм од страна на владата, се режира една претстава чиј режисер затајува. А зад сето тоа стои неспособноста на Владата. За годинаипол еден проект не изградија. Еден проект нема. И тоа ќе ви го опишам преку пластичен пример. Се сеќавате кога беше шарената револуција, секој ден одеа шараа низ градот, ќе шараа проекти, згради, споменици изградени од владата на ВМРО и тоа беше дел од нивната психолошка кампања за да испратат порака. П денес да се случи шарена револуција нема што да шараат затоа што овие немаат изградено ништо, освен она тажно Гинко дрво што го посадија на местото на споменикот што го рушеа. Е сега година ипол поминуваат на власт, немаат никаков проект, а се задолжуваат интензивно, тогаш каде се парите, каде им одат парите, буџетите се трошат, а нема ништо за народот. Црн живот за народот.

Сакам една работа да истакнам, ајде да размислиме и за 10 секунди да наброиме барем 3 проекти, објекти, реформи кои Заев ги направи…. Не три, еден проект нема да ви текне ниту мене ниту вас… Е сега на ова сакам да се надоврзам, ако гледаме дека нема ниту еден проект, а нема, во наше време имаше, може да ги видите, стадион, аеродром, сали, училишта, фабрики и слично, е ако сега ги нема проектите, а задолжувањата растат енормно?! Значи имаме задолжување а немаме инвестиции, нема проекти и објекти, тогаш јавноста со право се прашува каде се парите!? Каде одат сега парите, кога се задолжуваме како луди и за деца и за внуци да враќаат, а нема проекти?! И логично е дека парите некаде исчезнуваат, дали во нечии џебови или едноставно исчезнуваат треба да даде одговор јавниот обвинител.

Станаа махери за неработа и мајстори за прикажување на неуспесите како успеси. Паднаа неколку места на скалата на Дуинг бизнис. Ги гледаме како преку дел од медиумите се фалат дека напредувале, се фалат дека ќе вовеле еднократен надомест за новородено дете, а го укинуваат перманентниот надомест за трето дете. Велат ќе им овозможеле бања за пензионерите, а покачување на пензии не ни спомнуваат, затоа што тоа нема  ни да се случи.

Постојано велите дека работите нечинат. Имате ли стратегија што ќе превземете поради тоа?

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ излегува на улица, да го поразиме црното владеење на Заев. И во овие зимни месеци ќе го поведеме народот на улица, затоа што состојбата е аларамнтна. Државата е киднапирана од егоистична елита која им ја одзема власта на граѓаните.

Ќе протестираме и за даноците, и поради загадувањето, и поради прогонот и политичкиот притисок, и поради менувањето на името и поради немањето на откуп на јаболка и тутун. Ќе го кренеме гласот пред да биде предоцна. Ќе протестираме поради секоја неправда направена врз секој еден граѓанин. Поради ова црно време кое го живееме. Мора да има светло за сите нас, за сите граѓани. И блиску е зората, зората мора да изгрее и зората ќе изгрее. Деталите ќе ги соопштиме во наредниот период. Првиот протестен марш ќе се одржи во среда, и собирот ќе започне од пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ до Владата на Република Македонија, потоа ќе протестираме и во другите градови на Македонија, чекор по чекор ќе се отргнеме од ова зло.