На денешниот протестен марш во Охрид поради незадоволството од работата на власта, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ говорот го почна истакнувајќи дека името ни е вековно и ќе остане така и во иднина. Тој им се заблагодари на охригаѓни што дошле во голем број, но и ги замоли да дадат громогласен аплауз за Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски и Богдан Илиевски, кои доаѓаат од овој регион, а кои според него во моментов се под политички напад.
-Еден мудар човек рекол “И покрај сите страдања што ги гледаме и што не стегаат околу вратот, имаме незапирлив инстикт кој не држи цврсто и гордно исправени”. Ќе останеме цврсто исправени и покрај оваа. Да не заборавиме Ние сме ВМРО, а ВМРО е кауза,непокор и пред се емоција, но најважното чувар, чувар на МАКЕДОНИЈА, нејзин сопатник низ времето. Овие месеци се пишува историја, а јас Христијан Мицкоски заедно со огромното мнозинство од народот, со разум, мудрост, но и со срце не сум на страната на оние кои работат на обезличување на сопствената држава, на сопствениот народ, затоа што јас не би можел да се погледнам во огледалото ако прифатам нешто во што не верувам, нешто што не го чуствувам и спознавам за исправно. Ја сакам Македонија онаква каква што ја наследивме од нашите претци и сакам да ја оставиме на нашите деца онаква каква што ја заслужуваат, подобра, исправена и горда. Тоа е нашето мото и тоа е нашиот мотив, изјави Мицкоски.
Тој кажа дека секогаш македонската историја изобилувала со искушенија и предизвици, но и со луѓе кои се спротивставиле на тие предизвици.
-Можел и Гоце можел да остане само учител, исто така и Груев во неговото Смилево, Карев можел да го продолжи занаетот на својот татко, исто како и Христо Узунов кој можел да има мирен живот, но тие одлучиле да се спротивстават. Затоа што срцето им велело дека на неправдите треба да се одговори, и бробата за човечки права е нешто што природно ни припаѓа и што треба да се издвојува. Денес повеќе од сто години потоа ги паметиме и славиме не затоа што се откажале, не затоа што тогаш победиле, туку затоа што се бореле, а нивната идеја ја превземале генерации потоа и денес ја живееме слободата во чие извојување нивните имиња најгласно се слушаат, исто како и стотиците други кои се вградиле во темелите на самостојна независна Република Македонија, изјави Мицкоски.
Тој порача дека ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од партија, таа му припаѓа на народот кој во историјата иако бил напуштан од оние кои не верувале, оние кои за ситна корист вртеле страна, но народот и ВМРО секогаш останувале со своите најверни сопатници низ сите бури и невремиња, велејќи дека така било сега, така ќе биде и во иднина.
-Оваа борба која имаме денес како политичка партија е за Македонија и нејзината иднина, за работникот кој работи по 12 часа за плата која е потпресечна, и кому му е тешко затоа што гледа дека со оваа власт не оди кон добро, ама ја стиска тупаницата и вели Македонија е се што имаме. За младиот кој секој ден се крши во себе да замине од државата по подобро утре, ама си дава шанса велејќи така лесно не се напушта родното огрниште, Македонија е мојот дом. За старите родители кои се загрижени за своите деца, и кои не може да имаат мирна старост затоа што целиот живот го поминале во исчекување за подобро утре, кое никако да дојде и си велат го потрошивме целиот свој живот и дадовме цела своја надеж зарем за некоја друга, зарем за некое друго на оваа држава која ја наследивме од нашите предци, кога Македонија е во нашето срце. За невработените кои знаат дека она што сега се случува е уште една кампања каде се розевите слики се распрснуваат како меур од сапуница по нејзиното завршување и чуствуваат дека нема да дозволат да бидат уште еднаш излажани, зошто знаат кога ја нема Македонија нема ништо, и тогаш остануваат без се и без сопственото јас, изјави Мицкоски.
Тој порача дека нема да го поколебаат оние аналитичари, политичари, експерти кои пишуваат секакви навредливи измислици за него, кои го тераат да попушти во ставот за името и други работи, дека тоа нема да го видат бидејќи како што тој кажа Македонија за него е пред се.