Економија 30.05.2018 15:34

Мисајловски: Една година СДСМ е една година стагнација, Заев ниту има план, ниту знае како да ја води државата

Мисајловски: Една година СДСМ е една година стагнација, Заев ниту има план, ниту знае како да ја води државата

Лаги, расипништво и економско пропаѓање. Ова се главните обележја на едногодишното владеење на Зоран Заев и криминалниот клан околу него. Животот дојде, но само за Заев, Вицето, Анѓушев, Шекеринска и функционерите на СДСМ, истакна на денешната прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.

Тој истакна дека сите останати граѓани се борат за преживување, а државата е клекната на колена. Бесрамно се тргува со највисоките национални и државни интереси за да се покрие неспособноста на владата.

-Народот осиромашува. Се зголемуваат акцизите, а цените на горивата неконтролирано растат. СДСМ ги понижува сиромашните дека тоа немале да го почувствуваат затоа што тие и онака не се како Заеви па не возат автомобили. Повисоки пензии нема, а нема ни просечна плата од 30.000 денари. Една година СДСМ е една година стагнација. Економијата на Република Македонија тоне. Оваа влада ниту има план, ниту знае како да ја води државата. Во услови на економски раст во сите земји од регионот и Европа, БДП во Република Македонија заглави на нула. Капитални инвестиции нема, а власта се задолжува без основа. Јавниот долг за првпат во историјата ја надмина психолошката граница од 5 милијарди евра. Секое семејство должи 10.200 евра. Новото задолжување само за првите три месеци од 2018 година изнесува над 300 милиони евра, нагласува Мисајловски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека криминалниот картел е целосно без компас.

-Владата планира да продолжи со расипништвото и во наредните две години. Според фискалната стратегија на Министерството за финансии, јавниот долг до 2021 ќе надмине и 6 милијарди евра. Владата која наследи долг од 4.7 милијарди евра во 2017 година, ако продолжи со расипништвото до крајот на мандатот ќе го зголеми долгот за неверојатни милијарда и пол евра. Недозволиво е да имаме милиони задолжување, а ниту една капитална инвестиција. Недозволиво е парите кои ги враќаат граѓаните да завршуваат во џебовите на криминалниот картел. Задолжувањето е единствено оправдано кога со истото се финансираат капитални инвестиции. Капитални инвестиции нема. Нивото на нивна реализација е едвај 11% за првите 4 месеци од 2018 година, а со вакво темпо до крајот на година се доведува во прашање дали владата ќе може да изреализира и половина од тоа што го планирале и ветиле. Ова е знак на класична неодговорност, неработа и незнаење. Од проекти во инфраструктурата видовме само дека знаат да играат чочек во тунели изградени од владата на ВМРО-ДПМНЕ. Сите инфраструктурни проекти со кои овој криминален картел сега се фали, без никаква основа беа стопирани повеќе месеци, а некои од нив и година дена. Автопатот Демир Капија – Смоквица, целосно завршен од владата на ВМРО-ДПМНЕ чекаше цела година пред да биде пуштен во употреба. Работата на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, како и друг број на магистрални патишта низ државата беше со месеци во застој. Сега гледаме како истите инфраструктурни објекти и проекти  кои беа во крајна фаза на реализација уште во времето на ВМРО-ДПМНЕ ги претставуваат како свои. Добро е СДСМ да ги продолжи проектите што ги започна ВМРО-ДПМНЕ, но мора поголема посветеност и ефикасност во реализацијата, но истовремено и да се обидат да осмислат и отпочнат и нови проекти, нагласи Мисајловски.

Според него оваа влада е нула на инфраструктурен план. Нема ништо од најавените 600 километри нов автопат, ниту од 550 километри магистрални патишта. Оваа влада не може да ги пушти во употреба ниту патиштата кои ВМРО-ДПМНЕ ги реализираше до завршна фаза. Оваа влада е пример за неспособност и неработа.

-Целото градежништво е во пад, а со него и 20 други индустриски гранки. Бројот на издадени градежни дозволи во март оваа година е за 45% помал од истите издадени лани. Додека стопанството тоне, власта ги зголемува даноците. Покачувањето на акцизата на дизелот за 3.5 денари, е директен удар врз сиромашните и врз бизнис заедницата. Штетите по нивниот џеб се повеќе од над 40 милиони евра. Индиректните штети се неколку пати зголемени. Доколку пред само една година со една просечна плата граѓаните можеле да купат 487 литри дизел, сега можат да купат само 364 литри или 123 литри помалку. Најавеното покачување на данокот на доход, за сите граѓани со приход над 1000 евра, е директен удар врз младите од високо доходовните струки, како програмери и инженери, кои останале во Република Македонија. Оваа власт е на пат да изврши економски егзодус врз државата и граѓаните. Инвестиции нема, платите не само што не се 500-тини евра, туку и паѓаат. Просечната плата во февруари во однос на јануари оваа година падна за околу 900 денари. Нема 100.000 денари плати за лекарите, нема 15% поврат на ДДВ, нема социјална помош од 12.000 денари, нема ништо од тоа што го вети овој криминален картел на чело со Зоран Заев, посочи Мисајловски.

Неспособноста на власта, вели тој, е нотирана и од земји членки на ЕУ, кои јасно кажуваат дека заробената држава и партизираноста на институциите се голем проблем за државата. Преку нон-пејперот кој излезе во јавноста, јасно се гледа дека реформи нема и истите се заменети со непотизам и корупција. Државата има потреба од ефикасни институции, независно судство и почитување на принципот на владеење на правото.

-Државата нема да тргне ниту милиметар кон ЕУ се додека правосудството одлучува по диктат на картелот, институциите се партизираат, а парите на граѓаните преку Буџетот се злоупотребуваат. Се изрекуваат срамни судски пресуди само за да се оттргне вниманието на јавноста од колапсот кој ни се случува и на економски и на политички план. Премиерот Зоран Заев си најавува пресуди, а судиите излегуваат само да ги прочитаат додека зад кулисите се договара ново име на државата и се тргува со националниот идентитет. Доволно е секој граѓанин да се запраша дали живее подобро во однос на претходната година? Дали има повисока пензија? Дали може да му купи повеќе на своето дете? Дали има подобра здравствена грижа? Дали младите имаат повеќе пари и повеќе работа? Дали може повеќе и поевтино да патуваат? Дали земјоделците добија зелена нафта и дали имаат гарантиран откуп и повисоки цени за своите производи? Има безброј прашања кои секој од нас може и треба да си ги постави за годината што измина. Секој го знае одговорот за тоа како владее Зоран Заев и криминалниот картел околу него, нагласува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мисајловски додава дека оваа власт успеа да ја заглави Македонија во корупција. Сите меѓународни извештаи тоа го констатираат. За една година Македонија падна за 17 места на листата на Транспаренси.

-Владата успеа да реализира проекти, но проекти исклучиво во личен интерес на Зоран Заев и луѓето блиски до него. За една година успеаја да си купат фабрики, да си доделат тендери сами на себе, да влезат во бизнис со марихуана, да си градат сопствени станбени блокови и да си го зголемат сопственото конто. Вакви скандали има многу. Ваквите достигнувања покажуваат дека колку побргу криминалниот картел си замине од власт, толку подобро и за граѓаните и за државата. Најголемата промена што може да биде испорачана за добро на граѓаните е промена на оваа власт. Картелот не знае да ја води Република Македонија, сведоци сме на класичен  аматеризам при водење на државата. Државните интереси се погазени. Власта не води апсолутно никаква грижа за државата, народот, нацијата, јазикот и за културата на Република Македонија, потенцира Мисајловски.

Со оваа влада е загрозена иднината на државата, со оваа влада Република Македонија може само да уназадува на секое поле. Државата и граѓаните заслужуваат подобро. Стагнацијата мора  да запре, токму затоа ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓани, кои не сакаат државата да продолжи по патот кон бездната да излезат и на големиот митинг на 2 јуни во 20 часот пред Владата на Република Македонија да излезат и да кажат НЕ за ова неспособна и криминогена власт. Да им кажеме дека сме против погрешните политики на овој картел кој што владее со нашата држава.