Премиерот Христијан Мицкоки, во коментар на акцијата на МВР „Адитив“ поврзана со работењето на РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“ најави дека борбата со криминалот ќе продолжи и најави десетици такви случаи во следниот период.
– Да, ќе продолжи. Ние рековме внимателно, рековме нема да правиме естрада од сето тоа, ќе продолжи. Се држиме до тоа што сме го кажале. Кога ќе се обезбедат докази и основано сомневање за сторен криминал МВР заедно со срамежливото обвинителство влегуваат во акција. Таа акција беше спроведена пред неколку дена, 23 лица се осомничени и два правни субјекта. Во периодот што следи десетици случаи се работат. На македонските граѓани ќе им стане многу јасно што се случувало изминативе години, рече Мицкоски на новинарско прашање, по присуството на поставување камен темелник на фабрика во ТИРЗ Кичево.
Нема да се случува, вели Мицкоски, како што беше во минатото на полноќ или наутро да влегуваат специјални единици вооружени до заби во домовите на лицата коишто се осомничени и сето тоа камера да го снима и слично и да правиме естрада. – Нема да биде тоа, ќе биде вака преку соопштенија, а потоа преку еден фер и транспарентен судски процес очекувам секој да ја докажува својата вина или невиност во целиот случај. Во периодот што следи мислам дека од информациите со коишто располагам ќе има десетици вакви случаи, рече Мицкоски.
Основниот кривичен суд Скопје завчера одреди притвор во траење од 30 дена на поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Стефанов и на уште седум лица осомничени за криминал тежок 6,5 милиони евра во акцијата „Адитив“.
– Судии на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерки за обезбедување присуство и мерки на претпазливост против 23 лица кои утрово беа спроведени во Судот, а поврзани со акцијата од обвинителството означена како „Адитив“, донесоа решенија со кои по произнесување на Јавниот обвинител и приведените осомничени лица, во присуство на нивни бранители, како и ценење на фактите и доказите приложени во предлозите за определување мерки, за осомничените В.С., П.С., М.С., М.Ј., Д.С., Н.С., Р.С. и П.М. го прифати предлогот на Основниот јавен обвинител и им определи мерки притвор во траење од 30 дена, заради постоење на основите од член 165. ст.1, т.1., 2. И 3. од ЗКП, односно Опасност од бегство, Влијание врз сведоци и Околности дека може да го повтори делото, за осомничениот М.С., имајќи ја предвид неговата возраст и преземените дејствија, судот му определи мерка куќен притвор, соопшти Кривичниот суд.