Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на денешната седница истакна дека оваа влада ја гарантира правичната застапеност и новиот закон доби позитивна препорака од Венецијанска комисија што е обврзувачко во процесот кон ЕУ, а проектот „Безбеден град“ не етнизира, туку спасува човечки животи.
„Што се однесува за правичната застапеност можам да кажам дека апсолутно се води сметка за правичната застапеност, јас сум личен гарант и тоа сум го кажал во минатото. Ниту како човек, ниту како политичар, ниту како претседател на Влада, нема да дозволам никој никого да мајоризира или минимизира. Односно, апсолутно можам да ве убедам дека квалитетот на луѓето без разлика од која етничка припадност доаѓаат треба да биде клучен и приоритет и тоа е темелна уставна вредност и дел од меѓународните резолуции и конвенции“, истакна премиерот Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање поставено од пратеникот Скендер Реџепи.
Премиерот Мицкоски му порача на пратеникот Реџепи дека треба пошироко и објективно да ги гледаат работите, наместо да ги етнизираат прашањата мислејќи дека така ќе добијат политички поени.
„Што се однесува до Законот за правична застапеност, тој е готов, ги доби последните позитивни мислења на Венецијанската комисија. Ќе ве потсетам, мислењето на Венецијанската комисија согласно последните измени во процесот на пристапување кон Европската Унија и согласно последните барања за промена на методологијата во процесот на пристапување се одлучувачки фактор. По истите се постапува и очекувам многу скоро овој закон да биде доставен пред вас пратениците и се надевам дека едногласно истиот ќе биде усвоен бидејќи има позитивна препорака на Венецијанската комисија и се надевам дека нема на тој начин пратениците да ги загрозат европските процеси на државата“, потенцираше премиерот Мицкоски.
Во врска со одлуката на Уставниот суд, премиерот Мицкоски нагласи дека одлуки на Уставен суд нема да коментира, но факт е дека ова мнозинство во Уставниот суд е избрано во време на претходната влада, а не во оваа.
Во однос на проектот „Безбеден град“, премиерот Мицкоски потенцираше дека погрешно е што и ова некои политичари се обидуваат да го етнизираат, затоа што истиот има за цел да спасува човечки животи.
„Политичарите кои се во романтичен занес, мислат дека ако ги етнизираат и упокоените кои за жал го изгубиле својот живот поради сообраќајни незгоди, треба да се гледаат низ оптика на етничка припадност. Она што можам да кажам е дека повеќе нема да има голем број на жртви на сообраќајни незгоди по имплементирање на проектот „Безбеден град“. Оваа влада одлучи проектот да се стави во функција со цел да спаси човечки животи без да се води математичка статистика кој од која етничка припадност и да ја толкува методологијата со која за упокоените се определува етничка припадност. Овој проект има за задача да спаси што е можно повеќе луѓе“, истакна премиерот Мицкоски.