Претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски заедно со министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани од денес и во наредните неколку дена ќе присуствува во Сојузна Република Германија на Минхенската безбедносна конференција.
61 Минхенска конференција се одржува од 14 до 16 февруари каде ќе овозможи висок дијалог за клучните надворешни и безбедносни предизвици кои се актуелни прашања на политичките лидери.
На конференцијата ќе присуствуваат украинскиот претседател Володимир Зеленски, американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс и државниот секретар Марко Рубио.
За време на Конференцијата премиерот Мицкоски се очекува да има средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, со претседавачот на Минхенската конференција амбасадорот Кристоф Хојгенс, со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, како и други политички лидери.
Претседателот на македонската Влада, Мицкоски ќе биде говорник и ќе земе учество на финалниот настан од затворањето на конференцијата посветен на ЕУ пристапните преговори на Западниот Балкан, како и панел дискусијата на Форин Полиси каде ќе говори за геополитиката, енергетската сигурност и улогата во промените на глобално ниво.
Мицкоски ќе ја искористи приликата за лобирање и прикажување на реалната слика од пристапните преговори на државата во поглед на европските перспективи, како и план за развој и економски достигнувања како дел од напорите за економски прогрес и сигурност на граѓаните.