Европскиот суд за човекови права во Стразбур отвори постапка по жалбата на поранешната министерка Гордана Јанкулоска за случајот „Тенк“, за да оцени дали во предметот постојат сериозни индиции за можни прекршувања на правото на фер судење.
На новинарско прашање, премиерот Христијан Мицкоски посочува дека во соопштението јасно стои дека имаат забелешки на процесот, начинот на судењето и отвораат предмет да го преразгледаат тој процес, нарушување на човекови права итн.
-Ќе ве потсетам дека за вакви и слични случаи ние веќе подолго време зборуваме. Тоа се овие судии на кои што мала им е платата, сакаат двојно, тројно поголема, партиски октроирани и заробени од страна на претходната Влада. Малкумина се, ќе повторам, конкретно овој случај видете кој го водеше, тоа е случајот „Тенк“ и видете каде се наоѓа тој судија денес. И не престанува тој судија. Сега ги атакува пензионерите, за линеарното зголемување на пензиите, сака и тоа право да им го одземе, рече Мицкоски.
-Гледате какви пресуди октроирани политички носат. За жал, мораме да се срамиме и црвенееме пред Стразбур поради ваквите судии, малкумина, кои го контаминираат нашето судство и малкумина обвинители кои го контаминираат нашето обвинителство, рече Мицкоски.
Тој порача дека реформи во делот на судството и обвинителството се потребни, но суштински реформи, а не зголемување на нивните плати.