Зголемената цена на струјата е на берзите, не кај нас. Кај нас цената на електричната енергија која ја плаќаат граѓаните, не е покачена откако е оваа Влада и така и ќе остане, се надевам.
Ова денеска го истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
-Работиме на таа проблематика и од јануари кога ќе биде новиот регулиран период, цената да остане иста, а работиме и да имаме поевтинување или пак продолжување на евтината тарифа. Ние навреме ги чувавме нашите акумулации. Во очи на сезоната во која очекуваме дожд на есен и снег на зима, се над 50-тина проценти. Се завршуваат ремонтите во термоенергетските постројки. Временската прогноза вели дека полната грејна сезона би почнала некаде помеѓу 2 и 5 ноември, до тогаш целокупните подготовки ќе бидат завршени, посочи Мицкоски.
Според него, Македонија навреме го потпиша Договорот со Косово околу јагленот со кој значително ќе се намали цената на чинење на произведениот мегават час електрична енергија во нашите производни капацитети.
– Вода имаме. Од аспект на грејната сеозна и количините на електрична енергија, не очекувам турбуленции. Очекувам најмалку иста состојба како сега, да немаме никакво покачување или скокови.
Во однос на гасот, премиерот истакна дека Македонија не е голем корисник, но дека ги следи состојбите и најавите од Европа во врска со проблемите со снабдувањето.
Според него, можно е цената на гасот во Европа поради ниските резерви да се дуплира или триплира.
-Кај нас тоа нема да има големо влијание, нагласи Мицкоски.
Сакам да ги уверам граѓаните дека ќе имаме стабилна зима, со стабилно снабдување на енергенси, без осцилации во цената или количината, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
За нафтата, дополни, се прават калкулациите, а мерки веќе има.
– Подготвени сме и тоа е успехот што го направи оваа Влада – да дозволи конзум дома и реекспорт. Нема како други држави да воведеме забрана за реекспрот на нафата и нафтените деривати. Веќе имаме поевитни акцизи, прогласена е кризна состојба и како резултат на тие мерки имаме до половина евро за литар пониска цена на бензините, споредено со соседите во регионот. Тоа предизвика да имаме до 50 отсто зголемен козум на некои бензински пумпи посебно во пограничните делови. Инаку, секојдевно разговараме со увозниците, уверени сме дека количини има доволно, продуктоводот е полн, државните резерви се солидни, не гледам во овој момент можност и причина за стравување во текот на зимата. Загрижен сум за тоа – до кога сетоа ова ќе трае и на тоа прашање никој во светот не може да даде одговор, до кога ќе трае кризата, рече Мицкоски.