Актуелно 20.07.2018 13:55

Млади ќе станат милионери: Филипче им даде тендер од 35 милиони евра

Млади ќе станат милионери: Филипче им даде тендер од 35 милиони евра

Фирма која е основана пред само четири месеци и за сопственик има 27 годишен државјанин на Србија го доби тендерот за централизирана набавка на апарати и реагенси за лабораториите за испитување на крв во Јавните здравствени установи низ цела Македонија.

пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ

Контроверзниот тендер, за кој Лидер пишува уште од мај годинава, вреди околу 35 милиони евра а на него конкурирала само компоанијата „АХР ЛАБ увоз – извоз ДООЕЛ“, која е во сопственост на Предраг Петриќ од Нови Сад, а директор во Македонија и е извесен Александар Јовановски викан Жути од Гази Баба.

Се работи за исклучително сомнителен тендер, ако се има в предвид дека компанијата ќе добие монопол над целиот пазар со апарати и реагенси за испитување на крв во сите Јавни здравствени установи во Република Македонија.

Дополнително скандалозно е што во самата тендерска документација беа наведени спецификации за модел на апарати кои одговараат само на еден производител, АБОТ, иако на пазарот има уште десетици модели за апарати за испитување на крв.

Проверката во централниот регистар покажува дека копанијата која го добива тендерот е регистрирана на 18.04.2018 што консолидира со периодот во кој беше отворен техничкиот дијалог за тендерот. Оваа компанија која ја водат млади луѓе, нема никакво искуство во овој сектор, ниту пак било кога се занимавала со медицинска опрема.

Александар Јовановски – Жути, управител на компанијата која го добива тендерот
Да биде ситуацијата уште поинтересна, компанијата нема веб страница, а лицата поврзани со неа нигде не се јавуваат во медицинскиот сектор. Официјалната имеил адреса во Централниот Регистар, каде се наведува контакт е „zuti45@yahoo.com”, а нигде не е оставен телефонски контакт преку кој би можеле да ги побараме и да добиеме било каков коментар поврзан со ова истражување.

Предраг Петриќ, 27 годишен државјанин на Србија кој е сопственик на компанијата која доби 35 милиони евра тендер
Според неофицијалните информации до кои дојде Лидер, зад целата оваа шема стои еден познат бизнисмен кој се бави со трговија и производство на масло а е исклучително близок до власта.

„АХР ЛАБ увоз – извоз ДООЕЛ“ воопшто не е ни застапник на брендот „АБОТ“ од кој се набавуваат апаратите, а како што неофицијално дознаваме, токму локалниот застапник на „АБОТ“, ќе биде компензиран со провизија за набавката и паушал за одржување апаратите, затоа што воопшто не учествувал на тендерот.

Како што неофицијално дознаваме, реагенсите ќе бидат набавувани од грчката компанија „Пегасус“, која исто така не учествуваше на тендерот.

Ќе се блокира здравствениот систем
До сега секоја болница сама си набавуваше реагенси и имаше десетина компании кои беа активни на пазарот, но откако минатиот месец министерот Венко Филипче им забрани на болниците сами да набавуваат реагенси за нивните лаборатории, се отвора голем скандал, затоа што сега парите ќе ги добива само компанијата „АХР ЛАБ увоз-извоз“, а нив нема да ги плати министерството туку болниците и тоа за апарати кои во најголем дел од случаите нема да бидат исталирани во нивните болници туку болниците само ќе ги користат.

Старите апарати кои се користат во моментов, ќе се стават надвор од употреба, иако најголем дел од нив се функционални и не се долго користени, а новите ќе бидат исталирани на помалку места од претходно и компанијата добитник на тендерот ќе биде задолжена низ Македонија да ги транспортира примероците со крв за да се направат биохемиски, имунолошки, хематолошки, коагулациски и гасни анализи.

-Ова ќе создаде дополнителен хаос во здравството, затоа што, доколку се анализира тендерот, излегува дека овие тестови ќе се транспортираат само еднаш дневно. Во болниците има итни случаи за кои е потребно итно да се направи тест, со ова ќе треба да се чека до наредниот ден. – велат за Лидер директори на јавни здравствени установи во кои сега нема да има апарати за анализи.

Според тендерската документација, компанијата која ќе го добие тендерот за реагенси, ќе биде должна да спроведе транспорт на примероците од крв до 14 часот назад во лабораториите.

-Што ќе правиме доколку во Гостивар попладне се случи некаков итен случај со родилка и потребно е итно испитување на хормони? Според ова што го предлага Филипче, процедурата ќе биде таква да се чека до следниот ден во десет ипол да се земе крв па подоцна да се транспорира назад – вели за Лидер, директор на здравствена установа кој сака да остане анонимен.

Во моментов во скоро сите болници во Република Македонија се прават имунолошки анализи (околу 85 болници), но со новиот тендер за кој горе наведените млади луѓе добија 35 милиони евра, ќе се набават само 3 апарати кои ќе работат за цела држава, а останатите ќе бидат ставени надвор од функција.

Овие три апарати најверојатно ќе се стават во големите центри низ Македонија, како Скопје, Битола, Охрид или Штип, а до таму, компанијата добитник на тендерот ќе ги носи примероците на крв, со што примероците на крв се ставаат во ризик.

Лидер одамна го знаеше победникот
Уште на 2оти април, два дена по основањето на компанијата која го доби тендерот, Лидер ги објави точните модели на апарати кои беа доделени и за што оваа компанија ќе добие околу 35 милиони евра, на следниот линк можете да го прочитате целиот текст од тогаш – https://lider.com.mk/makedonija/filipche-dodeluva-30-milioni-evra-za-reagensi-dobitnikot-poznat-pred-da-se-objavi-tenderot/

Експертите кои ги ангажираше Лидер да ја погледнат техничката спецификација за бараните апарати, велат дека во самата подготвителна форма е опшишан точниот модел на апарат кој ќе се набави за имунолошки анализи, затоа што податоците се практично копирани од спецификациите на апаратот..

-Зошто се ставени токму точните статистики на овие апарати? Ова треба да се одговори. Постајат десетина типови на вакви апарати, кои се по различни цени, сите ја прават истата анализа, но доколку се погледнат спецификациите, таму има и детали кои не се ставаат во тендери, фали да му се стави уште името на апаратот. – велат експертите, ангажирани да работат на истражувањето на Лидер за овој тендер.

Моделите на апарати се ABBOTT ARCHITECT i2000SR и ABBOTT ARCHITECT i1000SR.

Самото тоа што во спецификацијата за тендерот се фаворизира еден производител, отвора сомнеж за наместен тендер, за што понатаму институциите би требало да отворат истрага.

 

Извор: Лидер