Обновената политичка неизвесност може да го одложи инвестицискиот скок. Ова е еден од ризиците за македонската економија кој го потенцира Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во изјавата по проверките на македонската економија минатата недела. Иако ММФ тврди дека враќањето на политичката стабилност и напредокот во решавањето на спорот за името со Грција ги зголеми шансите за отворање на преговорите за пристапување во Европската Унија (ЕУ), сепак тврдат дека за Македонија има доста работа. Според нив, потребни се структурни реформи за решавање на долгогодишните слабости на пазарот на трудот, судството и јавната администрација. ММФ нотира оти недостигаат квалификувани кадри, стручно образование, но бара и посилна антикорупциска борба. ММФ сугерира пензиите да се зголемуваат само со индексирање со трошоците за живот и во иднина да се зголеми страсоната граница за пензионирање.
„Мисијата препорачува постигнување нулта примарна рамнотежа на среден рок за да се стави јавниот долг на јасна надолна траекторија. Доколку целосно се спроведе во предложената форма, реиндексирањето на пензиските бенефиции само врз основа на индексот на цените на трошоци на живот, ќе обезбеди значајни фискални заштеди. Меѓутоа, треба да се земат предвид и понатамошни мерки како што се стегање на условите за предвремено пензионирање и зголемување на старосната пензија за да се обезбеди долгорочна одржливост на пензискиот систем. Покрај тоа, подобрувањето на даночната усогласеност, особено за ДДВ-то и рационализирањето на земјоделските субвенции, се важни не само за зголемување на фискалните приходи, туку и за намалување на неформалноста, стои во изјавата.
ММФ смета дека прогресивното оданочување е во ред и поздравува што се укинува додатокот за трето дете.
Според нив, јавните финансии ослабнаа во изминатата деценија, ограничувајќи го просторот за политиките за спречување шокови.
„Повторливите примарни дефицити, поттикнати од намалените даночни приходи и зголемувањето на тековните трошоци, двојно го зголемија јавниот долг во текот на последната деценија. Големите фискални финансиски потреби, вклучувајќи ги и отплатата за надворешниот јавен долг, ја прави Македонија ранлива на пазарните услови. Неодамнешните подобрувања во фискалната позиција главно се поттикнати од потфрлање во извршувањето на капиталните и на трошењата за стоките и услугите, со вкупниот фискален дефицит и јавниот долг кој се предвидува да достигнат 2,6 проценти односно 50,5 проценти од БДП во 2018 година, соодветно, велат од ММФ.
За годинава ММФ прогнозира растот на БДП да биде 2 отсто и да е поддржан од силниот извоз и приватната потрошувачка, во услови на подобрување на состојбите на пазарот на трудот и силниот раст на кредитите на населението.
„Во меѓувреме, доцнењата на големите инфраструктурни проекти, падот на градежните активности и провлекувањето на неизвесностите продолжија да ги одложуваат инвестициите. Севкупните макроекономски состојби се поволни со ниска базична инфлација, дефицит на тековната сметка во опаѓање и позитивни трендови на девизниот пазар. Растот се очекува постепено да се приближува кон 3,5 отсто на среден рок. Ризиците и понатаму се значајни, како што се обновената политичка неизвесност, која би можела да го одложи инвестицискиот скок. Економијата е исто така подложна на прелевања од растечкиот протекционизам во глобалната економија и од затегнување на меѓународните финансиски услови, стои во изјавата.
ММФ смета дека неоптималната употреба на работната сила го задржува растот.
„И покрај создавањето на голем број работни места во последниве години, како одраз на владините мерки за вработување и проширувањето на инвестициите во извозните зони, официјалната стапка на невработеност останува висока на 21 отсто, каде младите се особено засегнати. Недостатокот на вештини, како одраз на слабиот квалитет на образованието, неразвиеното стручно образование и емиграцијата на работна сила, се с’ржта на високата невработеност, од кои 80 отсто се долгорочни. Во меѓувреме, повеќе од една третина од работоспособното население е неактивно – од кое две третини се жени – дополнително намалувајќи го придонесот на трудот во растот. Значителен неформален сектор ги влошува слабостите на пазарот на трудот, воедно преку значителните трошоци за конкуренцијата, продуктивноста и јавните финансии. Потребна е повеќестрана политика за справување со слабостите на пазарот на труд и зголемување на растот на продуктивноста, велат од ММФ
Од ММФ велат дека мора да се подобри учеството на женската работна сила, властите треба да продолжат со своите планови за проширување на достапните услуги за предучилишно образование и згрижување на деца. Констатираат дека со застарен попис и висока неформалност, подобрувањето на статистиката е од клучно значење за проценка на условите на пазарот на трудот.
„Непристрасното судство, јавната администрација базирана на заслуги и силната антикорупциска рамка се централни за тие напори. Овие мерки ќе помогнат да се подобрат инвестициите и растот преку создавање на попредвидливо деловно опкружување и задржување на квалификувани работници, како и отклучување на преговорите за пристапување во ЕУ, велат од ММФ.