Еднаков третман при инвестирање во јавните и приватните здравствени установи (ПЗУ) кои се дел од здравствената мрежа и имаат склучени договори со Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).
Можност за вклучување на приватни здравствени установи кои немаат договор со ФЗО во економските програми за финансиска поддршка, како и потреба од понепосредна и подинамична имплементација на проектот „Учиме од бизнис заедницата“, се дел од мерките кои ќе го подобрат работењето на приватните здравствени установи во земјава, беше истакнато на денешната прес конференција на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).
Доктор Борислав Јосифовски, член на Управен одбор и претставник на приватните здравствени установи во Сојузот, посочи дека во консултација со членовите на Групацијата на приватно здравство, поздравувајќи го реформскиот курс на Владата и иницијативата за еднакви можности ја користиме приликата за ревизија на постоечките решенија и пракси. Во насока на зголемување на квалитетот на здравствените услуги потребно е покрај останатите сектори да се поддржи и развојот на приватното здравство.
„Според постоечката состојба во здраствената мрежа изготвена од Министерството за здравство во моментов над 70% од вкупниот број на здраствени установи се ПЗУ, кои се разликуваат од јавниот сектор (ЈЗУ) исклучиво по сопственоста која е приватна за разлика од јавниот сектор каде основач е Владата, но во извршување на својата дејност и двата сектори доколку се потписници на договори со ФЗО обавуваат јавни функции за граѓаните. И покрај тоа што ПЗУ и ЈЗУ се еднакви пред законот, сепак досегашното искуство за кое и јавноста е сведок говори дека инвестициите во здраството во изминатите 25 години , а кои се на терет на буџетот или ФЗО се исклучиво наменети за јавниот сектор“, изјави Јосифовски.
Дополнително тој додаде дека потребно е сериозно да се разгледа можноста за вклучување на приватни здравствени установи кои немаат договор со ФЗО во економските програми за финансиска поддршка. „Во понудениот план за економски раст не е опфатен здравствениот сектор кој како и останатите стопански гранки генерира средства во буџетот. Треба да бидат препознаени и вклучени во мерките на Планот за економски раст и здраствените установи во кои доминантно се даваат услуги на странски државјани, што би значело поттик во имплементацијата на нови медицински доктрини и технологии како и во подигањето на нивото на здраствени услуги и на домашен план“, изјави Јосифовски.
За подобрување на комуникацијата и реализација на одредени проблематики, Јосифовски ја истакна важноста од понепосредна и подинамична соработка на ПЗУ со ресорните владини институии кое веќе постои во рамките на проектот „Учиме од бизнис заедницата.
„Целта е да се утврди веродостојноста на понудените Закони и подзаконски акти со можност да се валоризираат веќе постоечките понудени рершенија и да со измени и доплнувања успешно се отстранат одредени недоречености кои во секојдневната пракса прават недоразбирања помеѓу чинителите: јавните службеници (преставници на министерства и инспектори), давателите на услуги и корисници на услугите“, рече Јосифовски.