Во интервју за „360 Степени“ министерот за надворешни работи, Никола Димитров, говореше за уставните амандмани, кои се пред пратениците во Собранието и за кои власта очекува нивно изгласување. Како тема на разговор во емисијата беше и пратеникот од владеачкото мнозинство Ферид Мухиќ, кој јавно кажа дека не го поддржува, мнинистерот беше прашан дали власта го очекува неговиот глас.
– Силен интерес на ова општество е сите пратеници да имаат слобода да одлучат согласно својата совест и мудрост бидејќи има огромна одговорност нивниот глас. И нивниот глас „за“, меѓутоа и нивниот глас „против“. Мислам дека ова не е споредно прашање, ниту за владата, ниту за нашата држава. За нешто толку крупно, јас, на пример, ако не се согласував лично и имав проблем со својата совест нема да можев да седам, да бидам министер за надворешни работи, ако цврсто не верувам и активно не сум ангажиран во успехот на овој процес. Така што, пратениците и сите ние коишто сме носители, ставивме рамо и преземавме одговорност за овој процес, за мене е спорно да го гледате од страна. Сакам да кажам, прашањето е преголемо, мислам дека би било чесно, ако не верувате да се тргнете, рече Димитров.
На прашање на новинарот дали е тоа порака за Мухиќ, министерот рече „можете да ја толкувате како сакате, ама прашањето не е споредно, прашањето е клучно за иднината на нашата татковина“.