До 15 август е отворен јавниот оглас на Агенцијата за стокови резерви за набавка на домашна меркантилна за потребите на стоковите резерви, што беше објавен пред два дена.
Со огласот е предвидено откуп на вкупно 13 000 тони домашна пченица, а конкретно распишани се 10 лота по 100 тони и 3 лота по 4 000 тони пченица. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека по завршувањето на јавниот оглас, мелничарите ќе можат да ја понудат откупената пченица од домашните производители на Агенцијата за стокови резерви.
„Оваа мерка којашто произлезе како предлог од досегашните одржани состаноци пред почетокот на жетвата со земјоделците и мелничарите, ќе придонесе за зголемување на откупот на домашна пченица, како и за постигнување повисока откупна цена“, соопшти МЗШВ.
Паралелно, Министерството ги разгледува опциите за можни интервентни измени на Програмата за директни плаќања 2018, во скалестиот начин на субвенции за полјоделските култури, а пред сè за пченицата.
„Жетвата на пченицата почна деновиве, екипите од МЗШВ ги следат приносите и квалитетот, врз основа на што деновиве ќе биде објавена производната цена на годинешната пченица. МЗШВ ќе ја исполни оваа обрска не само за пченицата туку и за другите земјоделски култури“, информира Министерството и додава дека откупната цена на јачменот достигна 9 денари за килограм.