Собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата денеска на седница едногласно ја донесе одлуката за определување на коефициентите за утврдување на плата на претседателот на Република Македонија, на пратениците во Собранието на Република Македонија и на функционерите што ги избира и именува Собранието на Република Македонија.
Во согласност со оваа одлука, коефициентот за утврдување плата на претседателот на држвата, на претседателот на Собраниетото и на претседателот на Владата е 3,17, потоа на потпретседателот на Собранието, претседателот на Уставниот суд, на главниот државен ревизор на Државниот завод за ревизија и на директорот на Оперативно-техничката агенција – 2,81.
Коефициентот за пресметка на плата на претседател на работно тело, комисија на Собранието, претседател на Комитетот за односи меѓу заедниците, претседател на Националниот совет за евроинтеграции, координатор на пратеничка група во Собранието е 2,60, а на пратениците 2,45.
Платите на член на македонската Влада, како и на министер што раководи со министерство, ќе се пресметува по коефициент од 2,60.
– Во врска со оваа точка, сакам да ве известам дека Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 25 февруари 2026 година ги донесе следниве закони: Закон за изменувањето на Законот за пратениците, Закон за изменувањето на Законот за платата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, Закон за изменувањето на Законот за платите на судиите, Закон за изменувањето на Законот за платите на членовите на Судскиот совет на Република Македонија, Закон за изменувањето на Законот за платите на јавните обвинители и Закон за изменувањето на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија. Според Законот за изменувањето на Законот за платите и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, „Службен весник на Република Македонија“ број 39/26, коефициентите за утврдување на надоместок на плата и на платата се намалуваат и изнесуваат од 1,54 до 3,17. Во Законот за изменувањето на Законот за пратениците, „Службен весник на Република Македонија“ број 39/26, коефициентите на платите на пратениците се намалуваат и изнесуваат од 2,45 до 3,17. Комисијата треба да донесе одлука за определување на коефициентите за утврдување плата на претседателот на Република Македонија, на пратениците во Собранието на Република Македонија и на функционерите кои ги избира и именува Собранието на Република Македонија, рече во објаснувањето на Одлуката претседателот на Комисијата Ѓорѓија Сајковски.
Тој напомена дека коефициентите утврдени со членовите од овие закони ќе започнат да се применуваат со исплата на плата за месец февруари 2026 година.
Членовите на Комисијата без расправа едногласно ја донесоа одлуката.