Принцеза од кралското семејство на Саудиска Арабија пријавила кражба на накит од милион долари кој што „исчезнал“ од нејзината соба во хотелот „Риц“ во Париз.
Станува збор за веќе втор сличен грабеж во истиот луксузен хотел во француската престолнина кој што се случува оваа година.
Накитот чија што вредност се проценува на 930 илјади долари не бил во сеф во моментот на кражбата, а исто така, според првичните информации од истрагата, немало ниту траги на насилен упад во хотелската соба на саудиската принцеза.
Според неофицијални информации, жртва на кражбата била принцеза од Саудиска Арабија која што престојувала во еден од луксузните апартмани во хотелот.
Во јануари оваа година, вооружена банда украде накит чија што вредност беше проценета на четири милиони евра, од продавница во хотелот „Риц“, а криминалците за време на грабежот користеле огнено оружје, како и секири со кои што ги пробиле излозите.
Сепак, тогаш пленот кој што беше украден и дел од него паднат додека криминалците се обидувале да побегнат, набрзо беше вратен. Засега нема информации од француската полиција до каде е истрагата во врска со накитот на саудиската принцеза.