Актуелно 30.01.2019 01:50

Најголемиот производител на автомобили во светот влегува во политиката

Најголемиот производител на автомобили во светот влегува во политиката

Германскиот автомобилски концерн Volkswagen влезе во политиката, ветувајќи дека ќе ги мобилизира вработените да гласаат на претстојните избори за Европскиот парламент и ги повика жителите на земјите членки на блокот да „стават крај на сепаратистичките движења“, соопштува Bloomberg.

VW е „целосно европска компанија“, изјави во Брисел Гунар Килијан, директор на одделот за „човекови ресурси“ во германскиот автомобилски производител кој надгледува околу 480 илјади вработени во ЕУ. Со наближувањето на изборите во крајот на мај, Килијан изјави дека најголемиот производител на автомобили во светот ќе „формулира јасен повик за гласање на изборите, бидејќи нашата демократија има потреба од секој глас“.

„Европската унија е гарант за мир, слобода, просперитет и отворена трговија. Обединета Европа е наша иднина“, изјави Килиан пред дипломати, административни претставници и официјални претставници на ЕУ.

Изборите во Европскиот парламент, кои се одржуваат на секои пет години и се еден од најголемите демократски настани во светот, ретко привлекуваат големо внимание. Но, гласањето на целиот континент во текот на четири дена од 23 мај се појавува како референдум за 60-годишниот европски експеримент.

Ова ќе бидат првите избори за Европскиот парламент по одлуката на Велика Британија да ја напушти Унијата, и ќе вклучи судири за клучните вредности и политики. Има реална можност антиевропски партии на чело со италијанската „Лига“ на Матео Салвини, да добијат доволно места за да внесат мешаница во активностите на парламентот. Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека гласачите треба да направат избор за или против Европа.

Volkswagen е влијателна економска моќ во Германија и низ цела Европа. Килијан даде примери на брендови на VW од седум европски земји и 71 погон во регионот. Иако тој не го споменува конкретно Brexit, автомобилскиот концерн ќе биде погоден од излегувањето на Велика Британија од ЕУ преку брендот Bentley базиран во англискиот град Кру.

„Ние треба повторно да ја направиме ЕУ привлечна за земјите-членки и, пред сè, за луѓето што живеат и работат овде. Мора да се чувствуваат една богата, прогресивна Европа за себе и за нивниот секојдневен живот“, додаде Килијан.