Економија 09.10.2018 23:06

Остар пад на продажбите на Volkswagen во Европа

Остар пад на продажбите на Volkswagen во Европа

Продажбата на Volkswagen се намали за речиси 20% во септември поради новите стандарди за емисии во Европа и корисничката несигурност покрај трговската војна меѓу САД и Кина.

Според податоците на „Фајненшл тајмс“, европските испораки паднале за 42,6 отсто од претходната година на 91.100 возила.

Причините

Од септември сите автомобили продадени во ЕУ, како и Швајцарија, Турција, Норвешка и Исланд, треба да го исполнуваат новиот стандард WLTP. Оваа нова регулатива, официјално наречена „Постапка за тестирање на возилата на глобално ниво“, беше воведена во цела Европа, како резултат на дизел скандалот и целта е да се осигура дека резултатите од тестовите за емисии се поблиску до реалните.

Новите построги стандарди за емисии создадоа потешкотии за производителите на автомобили, бидејќи компаниите треба да ги тестираат сите модели на автомобили што ги продаваат. Претходно оваа година Volkswagen ги процени трошоците за сертификација според новата процедура на над 1 милијарда евра.

Помалку продажби во Европа предизвика пад од 18,3% во глобалните пратки минатиот месец до 485.000 автомобили. На домашниот пазар на Volkswagen – Германија, падот беше „огромен“, коментираа претставници на компанијата. Испораките паднаа за 47,1 проценти на 23.300 возила.

„Падот во септември беше неуспех, но ние го очекувавме по рекордно силното лето“, коментира главниот директор за продажба, Јирген Стакман.

„Ние ќе го почувствуваме ефектот на преминувањето кон новите стандарди за емисии во октомври, но очекуваме раст од ноември“, додаде тој.

Испораките во Кина исто паднаа за 10.5% до 277.800 возила поради „големата несигурност меѓу корисниците во земјата како резултат на континуираниот трговски спор со САД“.

Во петок, VW Group ќе објави официјални податоци за перформансите на сите 12 брендови, вклучувајќи ги и Porsche, Seat и Skoda. Најпрофитабилниот бренд на групата – Audi, забележа пад во Европа за 56 отсто минатиот месец.