Мозаик 22.01.2019 21:46

Најубави сме кога се смееме

Најубави сме кога се смееме

Бидејќи насмевката е најверојатно најуниверзална категорија на говорот на телото, како и најпозитивен израз на лицето, би било корисно да ја обработиме подетално.
Насмевките се користат ширум светот за да прикажат задоволство или среќа.

Дури и децата што се слепи од раѓање се смеат кога се среќни. Насмевките исто така се користат да прикажат разуверување, забава, па дури и исмевање. Овде ќе се позанимаваме со позитивните функции на насмевката.

Насмевките ретко се користат намерно, но и тоа е можно. Експериментите покажаа дека кога ќе замолат некоја личност да се смее и потоа ѝ покажат слики од разни настани, таа изјавува дека сликите ја веселат и дури прават да се исполни со задоволство. Ако личноста ја замолите да се мршти во текот на истиот експеримент, ќе изјави дека искусила чувство на иритација и лутина. Ваквите испитувања ѝ дават научна поддршка на популарната изрека:„Ако се смееш, цел свет ќе се смее со тебе.“

Насмевките исто така се користат за да ги замаскираат другите емоции. Спортистот кој губи од противник кој не му се допаѓа, ќе се обиде храбро да се насмевнува за да го скрие своето разочарување.

Насмевката исто така може да биде краток начин за одбивање на нападот. Оние што се занимаваат со професии во кои се стапува во допир со јавноста, како што се рецепционери и стјуардеси, се подучуваат да ја користат насмевката за да ги разуверат клиентите и патниците.

Насмевнувањето може да се користи за да ја направи напнатата ситуација попријатна.

Најдобро време за тестирање на моќта на насмевката е кога ви е најмалку до смеење, кога сте болни или депресивни.

Секојпат кога насмевката ќе исчезне почекајте неколку минути па пробајте повторно. За кратко време ќе забележите подобрување на расположението. Оваа техника нема секогаш да успева, но вреди да се испроба.

Направете експеримент во две верзии – една вежба за срамежливите и една за отворените. Срамежливите треба да изберат луѓе што ги познаваат, а отворените можат да се обидат со било кого. Кога утредента ќе излезете на улица, немојте да се насмевнувате со луѓето од улица. Пребројте колкумина од нив ви се насмевнаа. Следоното утро насмевнете му се топло на секого што ќе го сретнете.

Повторно пребројте ги оние што ви ја возвратиле насмевката. Во што е разликата? Отворените ќе наидат на најдлабоки разлики.

Изненадувачки е колку туѓинци ќе се насмевнат ако вие први им понудите насмевка. Како цело време тоа да го сакале, но се плашеле да превземат иницијатива.