Намалување на бројот на вработени во јавниот сектор, преземање на вработени од други институции ако има потреба од нови вработување, но и зголемување на продуктивноста на вработените во државните институции. Претпријатијата што работат со загуба да ги намалат вкупните трошоците за 20 отсто и да го намалат бројот на вработени на неопределено време.
Ова се само дел од мерките, кои се преточени во Планот за фискална оддржливост и поддршка на економскиот раст, со кои според Министерството за финансии ќе се оптимизираат трошоците и ќе се прават заштеди од страна на буџетските корисници, јавните претпријатија, трговските друштва во државна сопственост, како и локалните самоуправи и локалните јавни претпријатија. Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст е усвоен од Владата на Македонија.
– Планот е дел од определбата на Министерството за финансии за постепена фискална консолидација. Содржи конкретни мерки кои преку рационализација, штедење и зголемена наплата на изворни приходи ќе придонесат до намалување на буџетскиот дефицит и долгот, определба која е поставена и со Фискалната стратегија на РС Македонија за период 2024-2028 година – рече министерот за финансии Фатмир Бесими.
Мерките во Планот се структурирани во три групи. Првата група содржи мерки и препораки за намалување на расходите, втората мерки и препораки за подобрување на наплатата на буџетските приходи и третата мерки и препораки за јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост во насока на оптимизација на расходите во работењето и зголемена и подобрена наплата на приходите што се во нивна надлежност.
Мерките и препораките за намалување на расходите се однесуваат на консолидација и рационализација на расходите за плати и надоместоци. Меѓу мерките се рационализација и оптимизација на вработените во јавниот сектор, зголемување на ефикасноста и продуктивноста на вработените и рационализација на бројот на работните места заради зајакнување на институционалните капацитети за потребите за процесот на преговори со ЕУ. Новите вработувања да се реализираат првенствено преку мобилност и преземање на вработени од други институции во јавниот сектор.
Консолидација и рационализација на расходите за стоки и услуги предвидено е преку намалување на непродуктивните расходи и поефикасно користење на ресурсите за работа, намалување на потрошувачката на електрична енергија, намалување на расходите за телефони, за репрезентации и реклами, за службени патувања, порестриктивни услови и критериуми за користење на службените возила, како и намалување на расходите за договорни услуги.
Се препорачува рационализација на расходите за субвенции и трансфери, како и мерки за квалитетно и навремено реализирање на капиталните проекти.
Подобрување на наплатата на приходите се очекува да се постигне преку унапредување на даночната регулатива, зајакнување на капацитетите на даночната администрација, унапредена ефикасност на системот за наплата на акцизните приходи, како и зајакнати активности за спречување на даночната евазија и поефикасно детектирање и справување со неформалната економија.
Планот содржи и мерки и препораки кои се однесуваат на трговските друштва во државна сопственост. При тоа се препорачува кај претпријатијата што работат со загуба да ги намалат вкупните трошоците за 20 отсто и да го намалат бројот на вработени на неопределено време. За сите претпријатија се предвидува намалување на расходите за договорни услуги, мерки за зголемена наплата на побарувањата, намалување на расходите за репрезентации, спонзорства, реклами, службени патувања, за набавка на мебел, опрема, како и сведување на минимум на набавка на возила, вклучително и по пат на лизинг.
Со Планот се препорачува и на единиците на локалната самоуправа, локалните јавни претпријатија и другите институции основани од општината, да преземат мерки и активности за консолидација на нивните буџети и финансиски планови, преку зголемена наплата на изворните приходи и намалување на помалку приоритетните расходи.
Планот е поддршка на среднорочната стратешка определба на Министерството за финансии за постепено намалување на буџетскиот дефицит и ставање на расходите во функција на остварување на стратешките приоритети – забрзување на економскиот раст, и исполнување на интегративните процеси на РС Македонија за приклучување во ЕУ.