Економија 07.08.2018 18:11

Наместо планираните 32,5 милиони евра денеска државата се задолжи за 36,6 милиони евра

Наместо планираните 32,5 милиони евра денеска државата се задолжи за 36,6 милиони евра

Министерството за финансии денеска преку записи и обврзници на домашниот пазар се задолжи за нови 36,6 милиони евра иако претходно беше најавено дека преку обврзници ќе се повлечат 32,5 милиони евра. Од министерството за финансии велат дека утре ќе се вратат 2 милијарди денари (31,8 милиони евра) по основ на порано издадени и доспеани за отплата државни хартии од вредност. Со ова, нето задолжувањето од оваа аукција изнесува 296,1 милиони денари (4,8 милиони евра).

На аукцијата беа запишани 12-месечни државни записи без девизна клаузула во износ од 670 милиони денари со камата од 1,00%, 3-годишни државни обврзници без девизна клаузула во износ од 180 милиони денари со камата од 1,60%, 5-годишни државни обврзници без девизна клаузула (Re-opening) во износ од 500 милиони денари со камата од 2,00%, 15-годишни државни обврзници без девизна клаузула (Re-opening) во износ од 550 милиони денари со камата од 3,50% и 15-годишни државни обврзници со девизна клаузула во износ од 350 милиони денари со камата од 3,00%.

Според државните институции, Владата во изминативе 3 месеци, односно во вториот квартал, повторно го зголемила јавниот и државниот долг. Бројките велат дека , секој ден изминативе 3 месеци, јавниот долг се зголемувал за над половина милион евра или поточно 580.645 евра дневно, додека пак државниот долг се зголемува секој ден за 311.827 евра.