Актуелно 22.02.2019 15:15

Народниот правобранител отвори предмет за инцидентот во затворот во Шутка

Народниот правобранител отвори предмет за инцидентот во затворот во Шутка

Народниот правобранител на сопствена иницијатива отвори предмет за инцидентот во притворското одделение на затворот „Скопје“, во којшто поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски се здобиле со повреди. Екипи на Народниот правобранител се во затворот, со цел темелно да го истражат целиот случај.

„Тоа што се случува во казнено-поправните установи е резултат на поставувањето на нестручни и партиски кадри на раководни позиции и последица на ова е лошиот безбедносен систем не само за осудените и притворените лица, туку и за општеството во целина. Затворскиот систем во моментов е место во коешто пресметките помеѓу осудените, како и притворените лица се чести“, се вели во соопштението на Народниот правобранител.

Исто така, на разговор ќе бидат повикани директорот на Управата за извршување на санкциите, директорот на затворот „Скопје“ и сите други службени лица кои можат да дадат податоци во постапката, со цел објективно да се утврди состојбата во врска со овој настан.

Народниот правобранител потсетува дека ваквите настани ги потврдуваат неговите повеќегодишни укажувања дека во затворскиот систем постојат сериозни проблеми од секаков аспект: материјални, кадровски, безбедносни, здравствени, образовни…

„Народниот правобранител очекува надлежните органи да ги преземат сите мерки за расчистување на овој настан и да утврдат дали припадниците на затворската полиција или на другите служби соодветно реагирале и да се санкционираат лицата кои дозволиле да се случи насилство“, соопшти Народниот правобранител.