Актуелно 26.06.2018 14:44

Народниот правобранител отвори постапка за солзавецот на полицијата

Народниот правобранител отвори постапка за солзавецот на полицијата

Народниот правобранител отвори постапка и будно ги следи настаните за постапувањето на полицијата на протестите пред Собранието на Република Македонија против Договорот со Грција за името, информира заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа.

На 17 јуни полицијата беше обвинета од дел од јавноста дека користела прекумерна сила, односно употреба на солзавец и шок-бомби, од кои последици почувствувале случајни минувачи, односно незасегнати во протестот за неменување на уставното име. МВР возврати дека полицијата морала така да реагира бидејќи ситуацијата ескалирала и се заканувал насилен влез во Собранието на РМ од страна на толпата.

Веќе во два случаја имаме поднесени претставки од граѓани и непосредно од заинтересирано лице кое се почувствувало повредено, во кои  се укажува на наводи за користење, односно употреба на средства  за присилба и употреба на сила од страна на полицијата. Постапките се во тек и се преземаат мерки  во надлежните одделенија на Народниот правобранител, рече Бајрамовска-Мустафа на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашање.