Мозаик 16.07.2018 15:47

Нема повеќе кутии со 19 цигари, ниту „Лајт“ ниту било каков натпис кој сугерира намалена штетност

Нема повеќе кутии со 19 цигари, ниту „Лајт“ ниту било каков натпис кој сугерира намалена штетност

Единечното пакување на цигарите има форма на квадар со рамни или заоблени ивици и содржи најмалку 20 цигари, ова стои во најновиот нацрт закон за тутун, производи од тутун и сродни производи. Исто така, не смее да се продаваат цигари кои содржат ознаки, зборови или изрази што упатуваат или сугерираат на тоа дека тој вид на приоизвод е помалку штетен па на кутијата е наведено дека е на пример Lowtar, light, mild, ultra light, односно малку катран, лесен, благ, ултра лесен и други слични ознаки.

На пазарот до сега дел од кутиите цигари имаат по 19 цигари на број. Законот беше предложен уште лани, на текстот имаше коментари и забелешки, но и покрај тоа што беше објавена изменета верзија, се уште не го помина владиниот филтер.

„Се забранува пуштање во промет на пакувањата на цигари кои немаат форма на квадар, кои содржат помалку од 20 цигари, со исклучок на пакувањата на цигари кои што се наменети за извоз“, стои во нацрт законот.

Во продавниците каде има и цигари, се разбира пушачите тоа добро го знаат, дел од кутиите се со по 19 цигари внатре. Тоа впрочем се тие кои се пакуваат овде во Македонија.

Според одредбите, единечното пакување на цигари се состои од картон или мек материјал и не треба да има отвор кој ќе може повторно да се затвори или повторно да се залепи откако е еднаш отворено, освен капакот со преклоп (флип-топ) и капаците со преклопување.

Остануваат одредбите  дека на кутијата јасно треба да е наведено за каков производ станува збор, и колку содржи катран, никотин и јаглероден моноксид. Ако тоа не е наведено производот не смее да биде пуштен во продажба.