Британска здравствена организација денеска предупреди дека би можело да снема лекови ако Велика Британија ја напушти ЕУ без договор за идните односи, пренесе РСЕ.
Во писмо проследено до шефовите во јавниот здравствен систем НХС, а до кое дојде британски „Тајмс“, организацијата укажува на недостиг на видлива и соодветна комуникација на владата околу подготовките за брегзит.
Директорот на организацијата, Крис Хопсон, наведе дека немањето договор би можел да погоди цел синџир за снабдување на фармацевтски производи.
Лондон и Брисел треба да постигнат договор за условите за брегзит и идните трговски односи до октомври, или најдоцна до декември, за сите членки на ЕУ да можат да го ратификуваат пред Велика Британија да ја напушти Унијата на 29 март следната година.