- Граѓаните во паника, а Министерството за внатрешни работи се обидува да ја смири ситуацијата откако во јавноста и на социјалните мрежи се погласно се говори за бројот на исчезнати лица, од кои последните, во најголем број се пронајдени починати. Но, конкретни информации и податоци од надлежните нема.
Анализата на КУРИР покажува дека не е позната судбината на 132 исчезнати лица од Македонија за период 2014-2018, бидејќи на интернет страната на МВР објавени за исчезнати се само 64 лица.
МВР, во најновото соопштение вели дека не постои тренд на пораст во исчезнувањето, како и дека реализацијата на пронајдени лица во изминатите 5 години е од 94 проценти. Она што од МВР како статистички податок, на кои и самите се повикуваат, не го кажуваат е колкав број од лицата кои се пронајдени биле пронајдени живи, колку од нив се починати и која била причината за настанување на смртта.
-Во врска со шпекулациите кои се шират во јавноста, а за наводно постоење на киднапери кои киднапираат поради препродажба на човечки органи, Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира истите и ги отфрла како целосно неточни. Министерството за внатрешни работи категорично ги отфрла шпекулациите за постоењето на киднапери. Во Министерството за внатрешни работи досега не се пријавени, ниту случаи на киднапирање поради органи, ниту се вистинити наводите дека досега на исчезнати жртви им недостигале органи. Министерството за внатрешни работи за последните случаи на исчезнување, кои што се целосно расчистени, јасно и недвосмислено соопшти дека се работи за класични случаи на самоубиство. Неосновани се и дезинформациите дека има пораст во бројот на исчезнати лица. Како што е соопштено и во текот на вчерашниот ден – статистичките податоци покажуваат дека не постои тренд на пораст во исчезнувањата и дека во континуитет во последниве 5 години пронаоѓањето на пријавените исчезнати лица се реализира со околу 94%. Статистичките податоци од 2014 заклучно со 2018 покажуваат дека од 2008 пријавени случаи за исчезнати лица, пронајдени се 1876 лица. Дополнително, на веб страницата на Министерството за внатрешни работи може да се проверат сите податоци и сите актуелни случаи на исчезнати лица. МВР ги повикува граѓаните да не потпаѓаат не шпекулации со кои се шири паника и страв, се вели во најновото соопштението на МВР.
Особено интересни се истакнатите две реченици во погоре објавеното соопштение на Министерството за внатрешни работи. Статистиката која ја објавува и на која се повикува МВР, вели дека во периодот од 2014-2018 пронајдени се 1876 лица од 2008 пријавени исчезнати. Нема податок од полицијата колку од овие лица биле пронајдени починати, а колку живи. Дополнително, останува бројката од 132 лица за периодот кој МВР го наведува, а на кои се уште не им е позната судбината.
Не е познато ниту колку од овие се уште исчезнати 132 лица за овој петгодишен период, се објавени на интернет страната на Министерството во делот на „Исчезнати лица“. Иако МВР во соопштението наведува дека на нивната веб страница може да се проверат „СИТЕ ПОДАТОЦИ И СИТЕ АКТУЕЛНИ СЛУЧАИ НА ИСЧЕЗНАТИ ЛИЦА“, реалноста е поинаква.
На интернет страницата на МВР објавени се само 64 исчезнати лица, а 132 се уште се водат за исчезнати во петгодишен период. Според постоечките податоци на интернет страната, Веле Дојчиновски е лицето по кое најдолго се трага, тој е исчезнат во 1992 исчезнат и е еден од 64-те објавени на веб страната на МВР.
Дали постои некој критериум по кој исчезнатите лица се објавуваат на интернет страната на МВР или станува збор за неажурност за тоа зошто сите не се објавени засега не е познато?
Во октомври минатата година, КУРИР, се обиде да добие конкретни одговори од Министерството за внатрешни работи за статистиката која ја води во врска со исчезнатите лица, со особен акцент на исчезнатите малолетни лица.
Од МВР тогаш добивме куса статистика, која беше далеку од одговор на бараните информации. Истата може да ја прочитате ТУКА.