Економија 27.04.2018 10:37

Низа неправилности го тресат „Фени индустри“

Низа неправилности го тресат „Фени индустри“

Кривични пријави за злоупотреба на службена должност против стечајниот управник Мирослав Анастасиевски и судијката Валентина Ѓорѓиевска поднесе „Транспаренси интернешнл“ – се сомневаат за корупција.

 

Низа скандали го тресат кавадаречки „Фени индустри“. Кривични пријави за злоупотреба на службена должност против стечајниот управник Мирослав Анастасиевски и судијката Валентина Ѓорѓиевска поднесе „Транспаренси интернешнл“ од каде се сомневаат дека станува збор за коруптивно однесување.
Претседателката Слаѓана Тасева за Алфа рече дека овој гигант во моментов имал низа неправилности кои ја карактеризираат стечајната постапка. Од „Транспаренси“ добиле претставка од фирмата „Кунико ресурси“, во која се тврди дека вицепремиерот Кочо Анѓушев, имал вмешано прсти во нечесниот бизнис околу кавадаречката компанија.
Стечајната постапка, иако судска, е нетранспарентна и воопшто не се почитува Законот, велат од „Транспаренси“. Стечајниот управник на трети јануари објавил оглас за прибирање писмени понуди за склучување договор за преработка на никел, без конкретни услови за селекција на понудите. Од невладината велат дека се уште не се знаел сопственикот, а потписникот на договорот немал име и презиме, туку само број на странски пасош без да се види земјата на потекло.
Од друга страна, во оваа невладина стигнала претставка од „Кунико ресурси“, довчерашен сопственик на „Фени“, во која наведуваат дека Кочо Анѓушев, правел игри со цел компанијата да не заврши кај понудувачот ГСОЛ, со што тој сакал да го спречи влегувањето на „Енекод“ во Македонија, односно уделот кој на пазарот го има ЕДС, продадена на Грци за 4,8 милиони евра.
Од кабинетот на вицепремиерот изјавија дека тој веќе не бил сопственик на ЕДС и дека стечајната постапка се води согласно законот.
Токму вицепремиерот денеска ги повика сите невладини организации потемелно да ги истражат причините кои предизвикаа кавадаречки Фени да влезе во стечај.
Колку за потсетување, идната недела ќе се навршат два месеца откако Македонија остана без Државна комисија за спречување на корупцијата. Откако Собранието ги констатираше оставките на нејзините членови, нови имиња не се назначија.
Извор: Алфа