Скопје ќе бара објаснување од Приштина за воведената забрана за увоз на компир и мед, а засега властите не откриваат дали се размислува за воведување на контра мерки. И македонските и косовските бизнисмени и аналитичари велат дека ова е неоснован и популистички чекор кој им штети на сите. Македонија и Косово досега три пати беа во директна трговска војна, најдраматично беше пред шест години.
Скопје ќе бара објаснување од Приштина
Македонските ќе побараат од косовските власти објаснување со аргументи врз основа на кои меѓународни стандарди е донесена мерката.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов, вели дека македонските производи ги задоволуваат светските стандарди и нема основа да добијат забрана за увоз.
„Ќе побараме од косовските власти во текот на утрешниот ден со аргументи да ни објаснат врз основа на кои меѓународни стандарди ја воведуваат забраната. Не држи изјавата на Косово дека со ЦЕФТА договорот или по други меѓународни стандарди може да ни воведат забрана“ изјави тој.
Македонските власти засега не откриваат дали размислуваат за воведување на контра мерки.
Утре министерот за економија и директорот на АХВ заминуваат за Приштина во обид да ги убедат косовските власти да ја тргнат забраната.
Од Македонија во Косово годишно се извезуваат до 1.000 тони компири, а извозот на мед е во вредност од околу 400.000 евра.
Кој прв почна? На удар медот и компирот!
Косово забрани увоз на компири и мед од земјава. Оваа одлука на властите од Приштина следи како контрамерка на македонската забрана за увоз на икри и млади риби од Косово. Министерството за трговија ја обврзува косовската царина веднаш да почне да ја спроведува реципрочната мерка.
„Мерката стапува во сила и ќе остане сè додека органите на Северна Македонија не ја разгледаат повторно нивната одлука за забрана за увоз на икри и млади риби за порибување од Косово”, изјави во петокот косовскиот министер за трговија Ендрит Шаља.
Македонија го забрани увозот на икри и рибен подмладок во јуни, но не само од Косово туку од повеќе држави поради отсуство на сертификати за здравствена исправност.
Експерти и бизнисмени: популистичка мерка на Приштина
Дури и косовските аналитичари признаваат дека овој пат Приштина не е во право. Најголем дел од нив сметаат дека мерката е популистичка и донесена во погрешно време.
„Од една страна, се поставува легитимитетот на донесената одлука, затоа што е донесена од Влада која е во оставка, бидејќи Владата во заминување нема право да донесе таква одлука. Косово е во многу тешка положба, и ваквите одлуки се апсурдни и ѝ штетат на иднината на Косово“ вели Сафет Ѓергалиу, економски аналитичар и поранешен претседател на Стопанската комора на Косово.
Со ова се согласува и претседателот на Стопанската комора на Македонија. Бранко Азески смета дека станува збор за популистичка одлука донесена без основа и покритие.
„Забраната за увоз на рибен подмладок и икра не се однесува само за Косово, туку и за сите останати земји кои немаат мониторинг, бидејќи земјава се подготвува од следната година да добие дозвола за извоз на свежа риба на европскиот пазар. Мерката е воведена согласно прописите на ЕУ за увоз на овие производи и е согласно и со Спогодбата за санитарни и фито санитарни мерки на СТО каде Република Северна Македонија е членка од 2003 година“, вели Азески.
Косово е значаен трговски партнер за Македонија
Според податоците на Државниот завод за статистика, обемот на размена меѓу Македонија и Косово од јануари до јуни годинава изнесува 152.5 милиони евра. Од нив 139.3 милиони евра се извоз.
Споредено со истиот период лани, извозот е поголем за 38.6% а увозот помал за 15,4%.
Македонија само со Косово и Унгарија бележи раст на извозот и пад на увозот.
Косово, како земја со кој остваруваме најголем суфицит во трговската размена, е значаен пазар за македонските земјоделски производители, за прехранбениот сектор, градежништвото, трговијата, хемиската и нафтената индустрија.
Досега три македонско – косовски трговски војни
Македонија и Косово досега имаа три трговски војни од која најдраматична беше онаа пред шест години кога Приштина воведе целосно ембарго за сите македонски производи.
Тогаш иницијатор беше Скопје, се започна со условениот увоз на брашно и пченица. Приштина одговори со делумно ембарго за одредени производи, а контра одговорот беше воведување на давачки за секој патник и автомобил што од Косово влегува во Македонија. По ова состојбата дополнително ескалираше зашто беше воведено целосно ембарго за сите македонски производи кое траеше пет дена и создаде огромни колони на премините Блаце и Јажинце.
Трговската војна заврши откако попуштивме ние – ја повлековме одлуката за условен увоз на брашно и пченица, како и сите дополнителни давачки, а тие го кренаа ембаргото.
Последното соочување беше пред точно една година кога Косово ги зголеми царините за 30% за 21 земјоделски производ за да го заштити сопственото производство.
Таа мерка не беше насочена само кон Македонија, туку кон сите, но овде предизвика силни реакции поради големиот извоз на македонските производители на косовскиот пазар.
Македонија тогаш не воведе контра мерки, чекаше Приштина да попушти под притисок на Европската Унија.
Косово во трговска војна и со Србија и Босна
Косово е во трговска војна и со Србија и Босна. Лани во ноември Приштина воведе 100% царина за сите стоките со потекло од Србија и Босна
Најпрвин меѓународните брендови произведени во Србија беа изземени, но потоа дополнителна царина беше воведена и за нив.
Укинувањето на царините Приштина го условува со нормализација на односите со Белград.
Пресметките покажуваат дека поради ова српската економија губи по 80 илјади евра на ден, а од почетокот на конфликтот досега загубите се проценуваат на над 260 милиони евра.
И Македонија и Србија неколку пати во трговска војна
Македонија и Србија повеќе пати биле во трговска војна а причината секогаш била иста – брашното и пченицата.
Последниот конфликт беше избегнат лани кога Скопје воведе измени на постојниот Правилник за увоз на брашно со кои се наложи тоа да се обележува со маркички по неговото дистрибуирање и целосна контрола во земјава, а не уште пред да стигне во Македонија.
Ова според Србија беше само начин како да се отежне увозот овде и спротивно на правилата на ЦЕФТА по што Белград се закани со воведување контрамерки.
По ова Скопје се повлече и направи компромис – маркички само на големите пакувања.
Македонија, Косово и Србија се членки на ЦЕФТА
Земјите од Западен Балкан се членки на ЦЕФТА (Централноевропски договор за слободна трговија) кој дефинира единствена слободна трговска зона односно бесцаринска трговија. Ваквите трговски конфликти се експлицитно прекршување на договорот.
Членки на ЦЕФТА се Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Молдавија, Србија, УНМИК во име на Косово и Црна Гора.
Поранешни членки се Полска, Чешка, Словачка, Словенија, Унгарија и Хрватска кои во договорот учествуваа до нивното пристапување во Европската Унија.
Сите земји од оригиналниот договор, со исклучок на Македонија, влегоа во Европската Унија и со тоа ја напуштија ЦЕФТА. Поради тоа, беше одлучено Договорот да се прошири за да ги покрие и останатите балкански држави, кои веќе створиле матрица на билатерални договори за слободна трговија во рамки на Пактот стабилност во Југоисточна Европа.
Најстрашната трговска војна беше ембаргото на Грција
Сепак, најстрашната трговска војна од независноста на Македонија беше ембаргото што го воведе Грција во деведесеттите.
Тоа беше еднострано ембарго кое траеше од 16 февруари 1994 до 15 октомври 1995 година.
Тогашната нова грчка влада го воведе поради несогласување со името и државното знаме на Република Македонија со 16-крако сонце.
Трговската блокада беше во сила 18 месеци, до 15 октомври 1995 година. Штетата што ја претрпе Република Македонија од грчкото ембарго, според процените на економските експерти изнесуваше околу 2 милијарди долари.
Тежината на ембаргото за Македонија беше дотолку поголема што во исто време беше на сила трговско ембарго од Обединетите Нации кон СР Југославија кое Македонија беше принудена да го почитува. Поради овие две блокади земјата беше отсечена од главните трговски патишта преку Коридорот 10 што дополнително ја урниса економијата која и онака се соочуваше со сериозни проблеми во транзицијата.
Ембаргото заврши со потпишувањето на времената спогодба со која Македонија се обврза да го смени државното знаме и да изврши одредени интервенции во Уставот.
На повидок е светска трговска војна
Трговските тензии меѓу Соединетите Држави и остатокот од светот можат да ја чинат глобалната економија 430 милијарди долари предупреди Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
„Иако сите економии би страдале при натамошна ескалација, американската би била најранлива и би се нашла во фокусот на глобален одговор со што би била особено ранлива“ наведува ММФ.
Проблемите започнаа откако американскиот претседател Доналд Трамп почна да ги зголемува царините. Најпрвин воведе посебни тарифи за соларни панели и машини за перење, а потоа и за увоз на челик и алуминиум.
Ова ги разлути трговските партнери кои започнаа да воведуваат контра мерки.
Извор: Денар