Актуелно 29.08.2018 13:35

Нови измени кои ќе треба да ги почитуваат осигурителните компании

Нови измени кои ќе треба да ги почитуваат осигурителните компании

Осигурителните компании ќе бидат обврзани во рок од пет дена да ги објавуваат на своите веб страници сите измени кои што ги прават во општите и посебните услови на полисите за осигурување. Ова е предвидено со Предлог-измените на Законот за супервизија на осигурување, што, како што информира Министерството за финансии, вчера влезе во собраниска процедура.

Од Министерството за финансии посочуваат дека целта на измените е да се заштитат правата на потрошувачите и да се зајакне сигурноста и стабилноста на друштвата.

– Досегашното искуство во примената на Законот и најдобрите меѓународни практики покажаа дека предвидените стандарди за соодветност има потреба да се зајакнат од аспект на искуство, знаење, репутација и финансиски капацитет на акционерите и органите на давателите на осигурителни услуги. Со пропишаните измени дополнително се пропишуваат критериуми (fit and proper) кои треба да ги исполнуваат лицата кои можат да станат акционери и членови на органите на управување и надзор во друштвата кои даваат услуги во областа на осигурувањето. Вакви критериуми за соодветност се пропишуваат и за овластените актуари, осигурителни брокери и застапниците во осигурувањето, вели Тевдовски во експозето за Предлог-измените на законот.

Предложеното законско решение предвидува и нов концепт на полагање на испитот за актуар, односно отсега ќе се полага писмено бидејќи досегашниот електронски начин на полагање се покажал како неприменлив.