Економија 19.12.2018 10:35

Новото решение за еконорми предизвика негативна реакција меѓу производителите на автомобили во Европа

Новото решение за еконорми предизвика негативна реакција меѓу производителите на автомобили во Европа

Претставниците на владите во ЕУ и Европскиот парламент се согласија за ново намалување на емисиите на „CO2“ од автомобили. Таа влегува во сила во 2030-та година, а во крајна линија со неа се регулираат разликите помеѓу производителите на автомобили и законодавците кои ја штитат животната средина.

На крајот беше постигнат компромис, откако првиот предлог на ЕУ беше за намалување на емисиите за 30% до 2030-та година во споредба со оние од 2021-ва година. Дел од земјите сепак побараа намалувањето да е со цели 40%, што беше дочекана со противење од неколку земји предводени од Германија, кој е најголемиот производител на автомобили во Унијата.

На крајот по долги преговори, кои завршиле во понеделникот вечерта, е одлучено нивото на „CO2“ да бидат отфрлени со 37,5% за возилата и со 31% до 2030-та за комбињата и минибусите. Планот, исто така, предвидува привремена цел за намалување на емисиите за 15% за автомобилите и комбињата во 2025-та година.

Новото решение, исто така, предизвика негативна реакција меѓу производителите на автомобили во Европа. Од својата позиција, тие најавија дека новото решение ќе доведе до отпуштања, како за работниците, така и за моделите на различни компании. Најжесток е отпорот на Германската асоцијација на автомобилската индустрија (VDA), која најави дека на тој начин производителите се принудени да преминат кон развој на електрични возила, што ќе ги зголеми нивните трошоци.

„Новите стандарди ќе постават многу високи барања и никој не може да каже дали договорените граници може да се достигнат во тој момент. Во исто време, владите во ЕУ не прават доволно за да го забрзаат преминот кон електрични возила“, рече шефот на „VDA“, Бернхард Метс.

„ACEA“, исто така, рече дека намалувањата на емисиите од 37,5% до 2030-та година во споредба со 2021-ва година се сосема нереални со оглед на тоа кои се моменталните стандарди на ЕУ. Во моментов дозволените нивоа на „CO2“ се 130 g/km (просечно за секој производител), а во 2021-ва тие треба да се намалат на 95 g/km.