Независниот синдикат на полицијата не добива решение за репрезентативност, иако е обезбеден потребниот законски цензус, додека се подготвува нов закон за работни односи и нови колективни договор, обвини на денешната прес-конференција Гоце Делчев Тодев, претседател на НСП и генерален координатор на сите независни синдикати во Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија.
Го повика премиерот Зоран Заев јавно да одговори и му порача „да внимава што се случува во Владата“.
– Министрите не може да ја тераат работата кој како сака. Има закон и законот кажува, ако исполни синдикатот цензус од 20 проценти Министерството за труд и социјална политика или министерот каде што синдикатот делува има обврска да даде документ за репрезентативност, да го повика синдикатот и да отпочне процес за колективно преговарање и договарање. Тоа во моментот не постои и го немаме, изјави Тодев.
Посочи дека е обезбеден повеќе од потребниот цензус од 20 проценти, што го бара Законот за работни односи за еден синдикат да биде репрезентативен и дека работниците ова не го заслужуваат.
– Министерството за внатрешни работи – 2.419, Министерство за земјоделство – 350, Министерство за правда – 373. Тоа се членови што ја дале поддршката и плаќаат членарина. Тоа ни го бараа до пред неколку години, го добивме. Сите податоци се на наша страна, изјави Тодев.