Актуелно 28.09.2018 15:53

Официјално Скопје не успеа да ја убеди српската железница, од понеделник се укинува единствената меѓународна линија

Официјално Скопје не успеа да ја убеди српската железница, од понеделник се укинува единствената меѓународна линија

Единствената меѓународна железничка линија Белград – Скопје – Солун што транзитно ја користи Македонија од понеделник дефинитивно нема да сообраќа, откако официјално Скопје не успеа да ја предомисли Српската железница да не ја укинува оваа линија.

Најавуваниот состанок, за кој имаше надежи дека ќе вроди со плод и дека ќе има предомислување, бил одржан во Белград, но од „Србија воз“ биле категорични дека оваа железничка линија им е неисплатлива да вози во текот на целата година.

„Србија воз“ повторно ќе ја воспостави оваа линија од 15 јуни следната година и ќе сообраќа само за време на летната сезона, односно до 15 септември“, одговориле од МЖ Транспорт за Алсат.

„Србија воз“ уште во јануари годинава ги известиле МЖ Транспорт дека во согласност со грчки „Tренос“, донеле одлука за укинување на линијата поради економска неисплатливост.

Таквата одлука ја донеле како железнички управи од каде тргнува односно пристигнува возот, а МЖ Транспорт како транзитна железничка управа има право само да вложи приговор.