Актуелно 13.11.2018 20:15

Орданоски планираното заминување на Груевски го најави пред да се случи

Орданоски планираното заминување на Груевски го најави пред да се случи

Провладиниот новинар и политички аналитичар, Сашо Орданоски, во неговата претпоследна колумна за „Цивил Медиа“, објавена вчера, прејудицира дека поранешниот премиер Никола Груевски побегнал надвор од државата.

Неговата колумна беше објавена рано наутро, пред да заврши последниот обид за предавање на поканата до Груевски за да се појави во затвор, па од тука се отвора сомнеж дека Орданоски, кој важи за исклучително близок до актуелната власт, знаел нешто за бегството и пред можеби тоа да се случи.

Во колумната, насловена „Каде е по ѓаволите Никола Груевски“, Орданоски саркастично најавува дека Груевски отишол во егзотичната држава Белизе, но, ја објаснува рутата за бегство преку Србија па се до Унгарија, токму државата каде што во моментов се наоѓа Груевски, според неговите тврдења на фејсбук.

-До Белизе е стигнат скриен во транспорт со специјално прилагоден камион, преку Србија и Унгарија (после Табановце белки и со полициска придружба), а потоа… Потоа, по него нема потерница од Македонија, светот ти е в џеб, особено откако ќе посетиш некои банки во Будимпешта! (Колку за по пат, другото секако те чека таму.). – пишува Орданоски во својата колумна.

Во исто време, од денешна перспектива, очигледно е дека Орданоски се труди да ги затвори можностите за критика кон власта за бегството на Груевски.

Тој се обидува, уште пред настанот да се случи, да ја амнестира власта од обвинувањата за наводна помош при бегството на Груевски, пишувајќи дека од тоа најмногу ќе профитира опозицијата, а товарот ќе падне врз Заев.

-Товарот на вината паѓа врз Заев: пребеган е од Македонија во договор со него! За сумата на парите вие нагаѓајте, иако се спомнуваа некакви 250 милиони. Всушност, доколку навистина исчезне, легендата за Груевски – како за некаков патриотски Робин Худ – само ќе расте, паралелно со хорот на оние кои ќе бараат одговорност за тоа како можел да избега?! Мицкоски ќе слави: ем „политичкиот осуденик“ имал право да побегне; ем тоа ја докажува неговата теза за „криминалецот Заев(и)“. Две во едно. Избори веднаш, долу со предавничкото, неспособно СДСМ! (Ама само откако ќе се усвојат уставните измени…) – пишува Орданоски.

Дека Груевски побегнал надвор од државата и бара политички азил од Унгарија поради прогон, македонската јавност дозна по повеќе од 24 часа по оваа колумна на Орданоски кој важи за провладин новинар.