Актуелно 14.11.2018 00:07

Орданоски трие – дамките останаа: Јавноста не ја прифаќа невиноста на власта за бегството на Груевски

Орданоски трие – дамките останаа: Јавноста не ја прифаќа невиноста на власта за бегството на Груевски

Дали Никола Груевски избега или власта му направи услуга? Расплетот на настаните поврзани со барањето политички азил на Никола Груевски во Унгарија го прави ова прашање логично исто толку колку што е бесмислено. Бесмислено да се постави, зашто повеќе од јасно е дека Никога Груевски не можеше да ја напушти Република Македонија без знаење на власта, чиишто безбедностни служби го следат со месеци.

Потврда на ова се и „длабоките новинарски анализи“ на медиумската армија блиска на власта.

Новинарот и политички аналитичар Сашо Орданоски во колумна за „Цивил“, објавена вчера рано утрото, ноншалантно ни соопштува дека поранешниот премиер Никола Груевски побегнал надвор од државата.

Ако ги следиме настаните хронолошки Орданоски, кој важи за исклучително близок до актуелната власт – знаел нешто за бегството и пред можеби тоа да се случи. Орданоски ја објави колумната рано утрото, веројатно ја напишал во неделата вечерта, секако пред последниот обид на судскиот курир да му ја предаде на Груевски поканата да се јави во затворот во Шутка.

Во колумната „Каде е по ѓаволите Никола Груевски“, Орданоски саркастично предвидува дека Груевски заминал во Белизе, преку Србија па се до Унгарија, каде што во моментов се наоѓа поранешниот премиер.

„До Белизе е стигнат скриен во транспорт со специјално прилагоден камион, преку Србија и Унгарија (после Табановце белки и со полициска придружба), а потоа… Потоа, по него нема потерница од Македонија, светот ти е в џеб, особено откако ќе посетиш некои банки во Будимпешта! (Колку за по пат, другото секако те чека таму.), пишува Орданоски во својата колумна.

Дека Груевски навистина е во Унгарија, како што објави тој самиот нешто повеќе од 24 часа од објавувањето на колумната на провладиниот новинар, попладнево потврди и Министерството за внатрешни работи.

„По направените соодветни проверки, Министерството за внатрешни работи утврди дека лицето Никола Груевски, кое се бара заради извршување на казна затвор во траење од две години за сторено кривично дело – примање награда за противзаконито влијание, се наоѓа во Република Унгарија.

Министерството за внатрешни работи на Република Македонија доби и потврда од унгарското министерство дека Никола Груевски е во Република Унгарија и дека побарал азил. Министерството за внатрешни работи го информира Основниот суд Скопје 1, по што Судот треба да издаде решение за распишување на меѓународна потерница за осуденото лице Никола Груевски“, пишува во соопштението на МВР.

Во колумната Орданоски најави: 1. дека поранешниот премиер Никола Груевски ја напушта Република Македонија и 2. дека по него нема да биде распишана меѓународна потерница, нешто што на јавноста ѝ беше нејасно зошто не е сторено се до денеска кога Груевски се јави на Фејсбук од Будимпешта.

Од денешна перспектива провладиното перо невешто се потруди да ги затвори можностите за критика кон власта за бегството на Груевски. Ордановски се обидува, уште пред настанот да се случи, да ја амнестира власта од обвинувањата за наводна помош при бегството на Груевски, пишувајќи дека од тоа најмногу ќе профитира опозицијата, а товарот ќе падне врз Заев.

„Товарот на вината паѓа врз Заев: пребеган е од Македонија во договор со него! За сумата на парите вие нагаѓајте, иако се спомнуваа некакви 250 милиони. Всушност, доколку навистина исчезне, легендата за Груевски – како за некаков патриотски Робин Худ – само ќе расте, паралелно со хорот на оние кои ќе бараат одговорност за тоа како можел да избега?!

Мицкоски ќе слави: ем „политичкиот осуденик“ имал право да побегне; ем тоа ја докажува неговата теза за „криминалецот Заев(и)“. Две во едно. Избори веднаш, долу со предавничкото, неспособно СДСМ! (Ама само откако ќе се усвојат уставните измени…)“, пишува Орданоски.

Целата колумна на Орданоски, на следниот линк.