Економија 15.05.2018 12:52

Остри реакции за случувањата во конфекцијата МГИ: Алармантна е состојбата со правата на работничките, државата мора да направи притисок

Остри реакции за случувањата во конфекцијата МГИ: Алармантна е состојбата со правата на работничките, државата мора да направи притисок

Остри реакции од јавноста за случувањата во конфекцијата „Маседониа гармет индустри“, каде што текстилните работнички ги немаат земено платите за март и април.

Кристина Ампева од здружението Гласен текстилец во изјава за Курир вели дека ова што се случува со странските инвестиции во Македонија е алармантна состојба.

-Ова е алармантна состојба која се случува со странските инвестиции во Македонија. Мора да се најде начин за да се исплатат задоцнетите плати, вели Ампева за Курир, додавајќи дека  државата мора да направи притисок.

Таа појаснува дека на работничките им останува правдата да си ја бараат по судска постапка, што според Ампева, е скапо за нив, особено што тие се оставени без две плати, па не можат да си ги дозволат трошоците.

-Не се знае и дали по судската постапка тие ќе си ги наплатат платите. Тоа е еден од проблемите со приватните фирми, вели Ампева.

Од здружението Женски форум од Тетово, пак, посочуваат дека доколку во иднина текстилните работнички од МГИ организираат нов протест ќе им се придружат во борбата за своите права.

-Сме против тоа жените на таков начин да се третираат. Се солидаризираме со сите жени кои обесправени. Во нареден протест би учествувале и ние како организација, вели за Курир Џане Крешова од здружението Женски форум од Тетово.

Инаку, сопственик на конфекцијата МГИ е холанѓанецот Марсел Мелес, сопруг на професорката Синоличка Трпкова. Работничките на протестот во неделата се жалеа дека тој за време на состаноците викал по нив, им велел дека не знаат ништо да сработат и вината ја префрлал врз нив, велејќи им дека ги бива само за правење ајвар.

За ова се огласи и новинарката Јорданка Ивановска-Јоци.

-Зошто Марсел Мелес е интересен случај ? Прво, бидејќи Владата воопшто не реагира околу оваа социјална драма и неправда. А, второ, бидејќи е сопруг на професорката од ФДУ, Синоличка Трпкова, која со години, жолчно и со голема доза на горчина, пишуваше за криминалите на Никола Груевски и на улица протестираше за неправдите кон работниците, за шивачки, за работнички маки, за иселување на млади, за социјална правда. П.С: Заедно сме протестирале за обесправени работници. Јас, се` уште. Таа молчи, напиша Јоци на Фејсбук.

Од друга страна, Трпкова во својата последна колумна објаснува дека недоволната продуктивност и лошата состојба на текстилната индустрија е причина за пропаѓањето на МГИ.

-И директорот на фабриката и работниците остануваат без работа. Но исто така, и инвеститорите го губат тоа што го вложиле, зашто со инвестицијата преземале ризик. Во овој случај, за жал, сите изгубиле и никој не станал побогат, не купил „мерцедес“, куќи, станови, не бил на одмор на Хаваи, не отворил тајни сметки. Биле вработени 130 луѓе што издржувале семејства во изминатите девет години. И тоа е сиот „ќар” од вложената инвестиција и макотрпната работа. Тие работници стекнале вештини да произведат квалитетен производ, по светски стандард, напиша Трпкова во колумната.

На ова реагираа вработените кои велат дека биле добри работници 10 години и сега одеднаш не ја извршуваат работата како што треба, а се и навредени бидејќи излегува оти само тие се во ќар, а инвеститорот и сопственик во големи загуби.

Работничките најавија дека ќе продолжат со протестите. Тие се подготвени да одат до крај и веруваат во правен исход, иако, како што нагласија, судските трошоци се огромни. Во врска со отказите што неодамна ги добија, се пожалија дека биле присилени да ги потпишат.

-Ни ги пикнавте изјавите под нос, но да ги пишуваме своерачно, диктирани од вас: Јас таа и таа своеволно давам отказ од лични причини, потпис и дата денешна, кажуваше правничката. Дојдовме по отказите, ве баравме да излезете да ни кажете кога точно плата, господине Марсел, зошто три недели нѐ лажевте, парите се тргнати, патуваат, да легнат на сметка и ќе ве исплатам, рече поранешната работничка Моника Стојановска за време на протестот.

Конфекцијата „Маседониа гармент индустри“ на нашиот пазар е точно 10 години. За дел од вработените, неофицијално, сопственикот е ловец на субвенции во државите каде што инвестира, а доказ за тоа им е и најавата за инвестиција во индустриската зона во Врање, соседна Србија.

Мелес таму потпишува Мемурандум за соработка со ветување дека ќе вработи 500 вработени во текстилен сектор и оти ќе инвестира 1.3 милиони евра во период од 3 години.

Вработените шпекулираат дека слична ситуација Мелес имал и во Тунис, каде претходно имал фирма за која користел субвенции и потоа наеднаш си заминал, но немаат доволно информации за тамошната фирма.