ПристАПП транспорт е новата електронска алатка преку која во иднина ќе се издаваат транспортните лиценци и дозволи, а со чија промоција беше означено отворањето на Експо саемот на ИКТ фирми што се одржува паралелно со Дигиталниот саем за Западен Балкан чиј домаќин денеска и утре е Македонија.
Софтверското решение ќе се изработува согласно повикот што денеска го објави Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за транспорт и врски.
– Водени од принципот на отворена транспарентна и отчетна Влада се јави потребата за креирање на нов софтверски систем за поефикасно и поефективно управување со јавните услуги во секторот транспорт, рече на отворањето на Саемот министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Софтверското решение ќе ги опфаќа сите фази од постапката од електронското аплциирање во патничкиот линиски превоз, како и транспортот на стока предвидени со Законот за превоз во патничкиот сообраќај, управување на постапките за одобрување решение, па се до издавање лиценци и дозволи.
Новиот софтвер треба да ги зајакне транспортните услуги и да го олесни пристапот на крајните корисници до нив, оцени Сугарески.
За изработка на новата апликација ПристАПП транспорт може да се доставуваат предлог решенија до 20 мај. Таква можност имаат сите микро мали и средни претпријатија, кои работат со информациски технологии кои може да аплциираат поединечно или во соработка со установа, која врши високо образовна односно научно истражувачка дејност и претпријатие и здружение.
Проектот ќе трае девет месеци и според директорот на ФИТР Јован Деспотовски ќе овозможи исполнување на определбата за доближување на институциите и Владата до граѓаните.
Експо саемот претставува надополнување на активностите на Дигиталниот самит за Западен Балкан, како место за презентација на најновите производи и услуги од домашни и меѓународни компании од дигиталната сфера. Активностите на Експо саемот опфаќаат и одржување на камп за стар-ап компании со презентација на иновативни идеи, што ќе се одржи утре кога е планиран и панел за справувањето со лажните вести.
На отворањето на Самитот беа упатени пораки за искористување на можностите од дигиталната трансформација и дигитално интегрирање на регионот на Западен Балкан во ЕУ пред тоа да се случи на политички план.
Како што најави еврокомесарката за дигитално општество Марија Габриел, веќе се работи на дигиталната агенда за Западен Балкан која како дел од стратегијата на ЕУ, ќе биде претставена на Самитот што ќе се одржи во мај во Софија.
За тогаш, според најавите, ќе се дестинираат и поконкретни работи околу намалувањето на цената на роамингот на Западен Балкан со ЕУ.
Кон иницијативата со која Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина од јуни 2015 ги намалија меѓусебните цени во роаминг, се приклучуваат и Албанија и Косово.