112 милиони евра помалку пари од ДДВ од планираното собрала државата во првите седум месеци од годинава. Само во јули дупката изнесува 24 милиони евра. Од УЈП ова го препишуваат на намалената наплата при увоз на струја и гас, но даночниот експерт Павле Гацов вели дека тоа не може да влијае на намалувањето на приходите. Тој објаснува дека наплатата на ДДВ за увезената струја и гас беше само одложена до продажбата на струјата на пазарот во Македонија, а обврската за плаќање ДДВ се пренесува на купувачот.
„Одлагањето на плаќањето на ДДВ при увоз на струја и гас не смее да влијае на намалување на прибраните приходи од ДДВ по овој основ. Имено увезената струја не се чува на залиха и се продава веднаш (со ДДВ или со пренесен ДДВ на купувачот). Можност за чување на гасот на залиха постои, но и тој се продава во релативно кратко време.“
Од друга страна, министерот за финансии Фатмир Бесими, запрашан дали државата не го исполнила планот за наплата на ДДВ во јули годинава, вчера одговори дека наплатата е натфрлена.
Даночниот експер Гацов вели дека пад во наплатата на ДДВ има во првите шест месеци годинава во однос на истиот период лани и тоа за 0,1%. Ако прибраните приходи од ДДВ се исчистат и од инфлационата дивиденда, односно од порастот на цените на мало во првата половина на годинава, во однос на истиот период лани, кој е 9,9%, тогаш реалниот пад на приходот од ДДВ е 10 отсто, вели Гацов.