Финансии 28.06.2018 19:46

Пет милиони Италијанци живеат во сиромаштија

Пет милиони Италијанци живеат во сиромаштија

Повеќе од пет милиони лица во Италија живеат во целосна сиромаштија, што е најголемо ниво откако во 2005 година првпат е извршено тоа мерење, покажаа службените податоци.

Околу 8,4 отсто од популацијата нема доволно средства за живот, што е пораст во однос на 2016 година кога биле  7,9 отсто, информира Државниот завод за статистика Истат.

Нивото на сиромаштија особено е високо во италијанските јужни региони, најмногу меѓу младите и државјаните кои не се од италијанско потекло. Податоците на Истат покажуваат дека 34, 5 отсто сиромашни домаќинства се странци.

Економското незадоволство е клучен фактор за успехот на партиите Лига и Пет ѕвезди на изборите во март, смета ДПА.

Челникот на Лига и министер за внатрешни работи Матео Салвани, познат по својата реторика против илегалната имиграција, истакна дека податоците на Истат ја потврдуваат  потребата од реализација на ветувањата  дадени во кампањата на неговата партија за „ставањето на Италијанците на прво место“.

Лидерот на Пет ѕвезди и министер за економски развој Луиџи ди Мајо на својата Фејсбук страница напиша дека еден од главните предлози на неговата партија за основен приход за сиромашните „мора веднаш” да се воведе.

Италија, меѓу 2008 и 2014 година, забележа рецесија по краткото закрепнување, а оттогаш нејзиното економско заздравување е слабо. Во 2007 година, сиромаштијата во таа држава погоди најмалку 2,5 милиони луѓе.