Како би изгледал светот без храната што ја користиме секој ден? Што ако навистина исчезнат? Дали сме подготвени за недостиг на храна?
Ова се прашањата кои се појавија кон крајот на минатата година кога беа составени извештаи и анализи кои укажуваа на едно – може да има недостиг од пет клучни намирници. За среќа, тоа сè уште не се случило, но нивните цени значително се разликуваат.
Светот сè уште се бори со глобална криза со храна, а недостигот веројатно ќе продолжи и во наредните години. На списокот на „критичните“ прехранбени производи има многу што нашата држава ги увезува. Ориз, тестенини, чоколадо се само некои од нив.
Во последните неколку години, светот се соочи со голем број закани за безбедноста на снабдувањето со храна, кои ги погодуваат луѓето ширум светот. Овие закани вклучуваат работи како војни и политички конфликти, економски промени, болести и, сè повеќе, климатски промени и непредвидливи временски услови, објави претходно Eat This.
Список на намирници кои се изложени на ризик:
Ориз
Претходната прогноза вели дека недостиг на ориз може да се случи во втората половина на оваа година. Светските резерви на ориз се уништени од руската инвазија на Украина, но и од екстремните временски услови во земјите кои произведуваат големи количини од оваа храна, како Кина и Пакистан.
Можно е некои други загрижувачки фактори да влијаат на понудата на ориз. Повторно се појави феноменот Ел Нињо кој предизвикува атипично затоплување на површината на водата во источниот дел на Пацификот, предизвикувајќи уште поекстремни временски услови во многу земји.
Некои делови од светот ги почувствуваа ефектите повеќе од другите. Сепак, за повеќето од нас најголем проблем ќе биде влијанието врз финансиите.
– На глобално ниво, најочигледната последица од недостигот на ориз е неговата рекордна цена – изјави аналитичарот на Fitch Solutions, Чарлс Харт.
Тестенини
Проблемот со тестенините во Италија стана толку лош минатата година што владата мораше да се состане на кризни разговори во мај за да ја запре натамошната ескалација. За време на тие итни разговори, официјалните лица открија дека проблемот е предизвикан од зголемените цени на состојките како житото, но и повисоките трошоци за пакување и логистика.
Целокупното зголемување на цените го почувствуваа потрошувачите ширум земјата, при што некои делови од Италија известија дека цената на тестенините се зголемила за над 50 проценти.
Чоколадо
Какаото стана толку многу барано што во еден момент цените на чоколадите во Њујорк беа највисоки во последните 12 години, а на некои места дури и ги надминаа тие нивоа, како на пример во Лондон.
Одгледувањето на какаото зависи од вештачките ѓубрива, што значи дека проблемот со снабдувањето со оваа храна е предизвикан од руската инвазија на Украина, што предизвика пад на извозот на ѓубрива.
Климатските промени ја влошија ситуацијата: минатогодишните суши влијаеја на жетвата, а дополнителна закана е Ел Нињо. Овој феномен предизвикува суво време низ Западна Африка, вклучувајќи ги областите на Гана, Камерун, Нигерија и Брегот на Слоновата Коска. Дури 75 отсто од светското производство на какао доаѓа од тие земји, пишува магазинот „Тајм“.
Истовремениот недостиг на шеќер предизвикан од лошите временски услови и намалениот извоз од Индија, како и сè уште високата побарувачка, секако не ѝ помагаат на оваа растечка чоколадна катастрофа.
Лосос
Рибарите во Калифорнија и Алјаска забележаа значителен пад на популацијата на лосос во текот на изминатата година, особено кај кралот лосос, еден од најголемите и најздравите видови лосос.
Причините за овој пад веројатно се поврзани со затоплувањето на водите поради климатските промени, сушите во Калифорнија, но и факторите како што се прекумерниот риболов, загадувањето и болестите.
За да помогнат во заштитата на преостанатата популација на лосос, властите во Калифорнија го забранија комерцијалниот и рекреативниот риболов до крајот на сезоната во 2023 година. Ова е првпат ваква забрана да се случи од 2008 година.
Брашно
Цената на брашното веќе е зголемена за 8,5 отсто во однос на минатата година, покажува индексот на потрошувачки цени во САД, а аналитичарите предвидуваат дека Американците и следната година ќе ги трпат последиците од недостигот на брашно. Ова може да создаде дополнителни проблеми со недостиг на други видови храна, вклучувајќи леб, палачинки, тесто за пица, бисквити и пекарски производи.
Изворот на овие проблеми не лежи во руската инвазија на Украина, туку во сушите низ САД. Два од трите главни типа на жито најчесто се одгледуваат во централниот и јужниот дел на САД, област која се соочи со екстремно сушни услови во текот на изминатата година.
Експертите сè уште се надеваат дека третото по големина жито што се одгледува во САД ќе биде подобро, но жетвата на житото трае од септември до октомври, што значи дека вистинските резултати допрва треба да се видат. ()