Финансии 10.07.2018 11:47

Плаќање во кеш само до 2.000 евра

Плаќање во кеш само до 2.000 евра

Граѓаните од вчера можат да исплаќаат или примаат пари во кеш во вредност до 2.000 евра. Сè што е над оваа сума ќе мора да помине преку банка или штедилница. Претходниот износ за плаќање во готовина беше 15.000 евра. Намалувањето на вредноста на плаќање во кеш за 13.000 евра е предвидено во Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам кој неодамна беше објавен во Службен весник и стапува во сила на 7 јули.

Закон за спречување пари и финансирање тероризам:
„Се забранува вршење на готовински плаќања, односно исплата, примање на готови пари или размена на валута во износ од 2.000 евра или повеќе во денарска противвредност во вид на една или повеќе поврзани трансакции што не е извршено преку банка или штедилница.“

Од 1 јануари следната година, пак дополнитено се засилува контролата на плаќање. Според новото законско решение, износот за кој се забранува плаќања за стоки и услуги со готовина ќе се намали на 1.000 евра, додека од 1 јуни 2019 година тој износ ќе се намали дополнително на 500 евра во денарска противвредност. Оваа забрана важи за плаќањата кои ги прават и физичките, но и за правните лица. Плаќањата ќе мора да бидат регистрирани во платниот промет што значи дека ќе бидат оданочени.

„Во насока на намалување на сивата економија се намалува износот на забрана за вршење на готовински плаќања од 15.000 на 2.000 евра ова е исклучиво во насока на намалување на сивата економија“, изјави Миле Бошњаковски, портпарол на Влада.

Покрај ова, со новиот закон ќе се зголеми опсегот на јавни функционери кои ќе бидат проверувани за можност за перење пари. Исто така со законските измени ќе се открие кој е вистински сопственик на фирмите. Од Владата велат дека целта на овој Закон е усогласување со европските регулативи за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.