Актуелно 25.06.2018 10:19

Платите статистички растат, економијата тапка во место-власта се фали, опозицијата критикува од манипулација

Платите статистички растат, економијата тапка во место-власта се фали, опозицијата критикува од манипулација
red arrow pointing downwards showing crisis

Просечната плата статистички расте, но дали реално или манипулативно. Државниот завод за статистика објави дека просечната нето плата во април 2018 изнесувала 23.942 денари, или за 5,6% повеќе од истиот период лани. Зголемувањето се должело главно на секторот рударство и вадење камен, односно преработувачката индустрија.

Власта се пофали дека успешните економски политики давале резултат, а зголемувањето на минималната плата ја отворило спиралата на раст на платите. Опозицијата пак предупредува од манипулација. Реален пораст на просечната плата може да се случи само доколку има раст во економијата, а такво нешто нема, предупредуваат од ВМРО ДПМНЕ. Промената на моделот за пресметување на просечната плата според опозицијата единствено доведе до манипулација со статистичките податоци, но на ниеден начин не го подобри стандардот на обичниот граѓанин.

СДСМ треба да ги симне розовите очила и да види што се случува во Македонија, да ја погледне реалноста и да види како живее просечниот граѓанин. Со стратегијата испечатена од Владата се предвидува пораст на номиналната нето-плата за 2018 година во вредност од четири проценти, а за 2019 и 2020 соодветно 4,4 проценти. Ако имаме предвид дека 2017 ја завршивме со просечна плата од 23 илјади и 850 денари и сето тоа го помножиме со оваа претпоставка дека ќе растат платите, тогаш на крајот од нивниот мандат, под услов да нема предвремени парламентарни избори, просечната номинална нето-плата не може да надмине бројка од 27 илјади денари, реагираат од ВМРО ДПМНЕ.