Економија 19.11.2018 13:26

По што се разликува Black Friday во Македонија и во Америка

По што се разликува Black Friday во Македонија и во Америка
USA-HOLIDAYSHOPPING/BRAZIL

Продавниците, големите трговски брендови и шопинг центрите низ Македонија го најавија најголемиот шопинг ден во годината – Black Friday. Оваа кампања застапена на глобално ниво која потекнува од Америка, последниве години станува сѐ поактуелна и кај нас. Крајот на ноември е познат по овој ден, со кој официјално започнува предновогодишното шопинг лудило, а сите трговци со нетрпение го очекуваат.

Но, се чини дека американската практика за Black Friday значително се разликува со онаа на Европа и на Балканот. За разлика од традиционалните Black Friday акции во Америка каде што најголемиот акцент на попустите се става на белата техника, концептот на попусти кој се практикува во Европа е повеќе насочен на производи од текстилната индустрија. Често се случува потрошувачите да очекуваат екстремни намалувања на целиот асортиман, па откако ќе ги посетат продавниците се разочарани што попустите се однесуваат на дел од производите со помали намалувања од очекуваните. Според неколку истражувања на Black Friday кампањите организирани од европски трговци, најчесто попустите се движат најмногу до -50% на дел од артиклите.

Исто така, суштинска разлика е тоа што во Америка постои лимитирана понуда на намалени производи, односно попустите се однесуваат само на 100 до 200 парчиња. Токму затоа и се создава страшната турканица, големите гужви и преноќувањата пред продавниците: затоа што само првите неколку ќе успеат да го купат посакуваниот производ. Од друга страна пак, во Македонија и останатите балкански држави, трендот е сосема различен: нема драстични попусти до -80% или -90%, но затоа пак имаат поголема залиха на производи којашто им е понудена на потрошувачите.

“Од особена важност е потрошувачите да разберат дека не се изманипулирани, односно дека попустите кои ги најавуваме се реални. Проблемот е што постојат лажни очекувања дека тие ќе наидат на американски Black Friday. Точно е дека полека го преземавме тој тренд и во овој период од годината нудиме попусти, но нашата понуда драстично се разликува: помали попусти и поголема понуда, наспроти помала понуда и квантитет на намалени производи.” – изјавија од менаџментот на Скопје Сити Мол.

За време на овие сезонски распродажби и големи попусти, најважно е купувачите да бидат информирани за своите права како потрошувачи, да препознаат што е вистински попуст а што не е, како и рационално и практично да го распределат буџетот издвоен за ваквите шопинг екскурзии низ продавниците и трговските центри.