Почнува борбата за издејствување минимална пензија за пензионерите. Ако работниците се заштитени со минималната плата, и постарите граѓаните треба да имаат минимален износ кој ќе го трошат месечно. Од новоформираниот пензионерски синдикат при Конфедерација на слободни синдикати сакаат активно да преговараат со надлежните за да издејствуваат минимална пензија што поскоро. Велат дека формирањето на пензионерски синдикати е нормална пракса во западноевропските држави со цел навреме да се обезбедат пристојни услови за живот на сегашните и идните пензионери.
Во последнава година, пензиите безначително се зголемија. Владата одлучи пензиите да растат само законски, со усогласување според растот на платите и трошоците на живот. Една деценија претходно, пензиите повремено растеа и линеарно најчесто по 500 денари. Тоа придонесе за значителен раст на примањата на постарите граѓани. Најниската пензија се зголеми за 105%, односно од 4.330 денари во 2006 година, скокна на 8.895 денари во декември 2016 година. Просечната пензија, пак, од 7.684 денари во 2006-та, порасна на 13.754 денари, што е пораст од скоро 80 отсто.
Извор: Алфа