Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп со екипа од крим-техника при ПС Прилеп, изврши увид на местото во близина на локалниот пат село Беловодица-село Дрен, каде вчера попладне беше пронајден мртов 45-годишен полициски службеник вработен во Полициска станица во Прилеп.
Како што информираат од Основното јавно обвинителство, лицето е пронајдено во лежечка положба до неговото возило, со прострелна рана во главата и службениот пиштол во раката.
Притоа јавниот обвинител издал наредба за подигање на предмети и траги кои можат да послужат како доказ и наредба за обдукција врз телото на починатиот заради утврдување на причините за смртта.
-Извори на 1ТВ брифираат дека се работи за самоубиство. Службеникот бил вработен во единицата „Лавови“ и како што дознаваме учествувал во конфликтот во 2001 година. Нашите извори велат дека полицискиот службеник бил на боледување последниве неколку месеци бидејќи имал нарушена психофизичка здравствена состојба, објави телевизијата.