Американскиот државен секретар Мајк Помпео го назначи Елиот Абрамс како пратеник кој ќе помогне за „враќање на демократијата” во Венецуела, каде што САД го признаа Хуан Гуаидо како „привремен претседател” наместо Николас Мадуро.
Овој поранешен дипломат, кој беше на функции за време на републиканскиот претседател Роналд Реган и Џорџ В. Буш, им изјави на новинарите дека кризата во Венецуела е „тешка, комплицирана и опасна”.
Новиот пратеник ќе пристигне во Советот за безбедност на ОН денеска каде Помпео има намера „да повика други земји да ја поддржат демократската транзиција во Венецуела”.
-Елиот ќе биде одговорен за се што е поврзано со нашите напори за враќање на демократијата во Венецуела, рече американскиот државен секретар, нагласувајќи дека тоа е „предизвик за целиот свет”.
Абрамс во почетокот на мандатот на Трамп требаше да биде именуван за втор човек во Стејт департментот, но претседателот стави вето поради критиките од тој дипломат во изборната кампања.