Финансии 07.11.2023 12:44

Потпишан Меморандум за соработка со Обединетото Кралство – Финансиската полиција со нов софтвер во поефикасно справување со организираниот криминал

Потпишан Меморандум за соработка со Обединетото Кралство – Финансиската полиција со нов софтвер во поефикасно справување со организираниот криминал

Управата за финансиска полиција ги зајакнува своите капацитети во борбата со организираниот криминал. Со поддршка од Обединетото Кралство Управата ќе добие нов современ систем кој ќе ги дигитализира процесите, а тоа ќе овозможи побрз проток на информации во рамки на институцијата и размената со други институции, носење поквалитетни одлуки и сето тоа до поефикасно дејствување во справување со организираниот криминал.

За реализација на овој проект денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу директорот на Управата за финансиска полиција Горан Иванов и Регионалниот менаџер за Западен Балкан во Даночната и царинска управа на Обединетото Кралство Дарен Пертриџ. На потпишувањето присуствуваа министерот за финансии Фатмир Бесими и амбасадорот на Обединетото Кралство Метју Лосон.

„Финансиската полиција, е клучна институција во земјата во борбата со организираниот финансиски криминал и заштита на националните финансиски интереси и зајакнувањето на нејзините капацитети и воведување нови современи системи се дополнителен придонес во зголемување на ефикасноста во борбата со неформалната економија и организираниот криминал“, рече министерот Бесими.

Тој додаде дека со силни институции, координиран пристап и нивна меѓусебна соработка се гради ефикасен систем во справување со организираниот криминал и корупција, а тоа ќе придонесе за подобрување на конкуреноста на економијата и економски раст.

Амбасадорот Лосон посочи дека целта на овој Меморандум е да го определи веб-базираниот мултиплатформски систем за управување со содржини (Enterprise Content Management System) со алатки за управување со случаи (Case Management Tools) и лиценци кои ќе бидат доделени од страна на Даночната и царинската управа на Обединетото Кралство (HMRC) на Управата за финансиска полиција на Северна Македонија во исполнување на целите за спречување и откривање на економскиот, финансискиот и организираниот криминал и во дефинирање на одредбите за неговото користење и одржување.

„Градењето на капацитетот и способноста на Управата за финансиска полиција во Северна Македонија во насока на подобрување на нивниот капацитет за финансиски истраги за управување со сложени случаи, прикажување на ревизорски траги и зголемување на транспарентноста, е од фундаментално значење за разбивање на криминалните организации – и на национално и на меѓународно ниво”, рече британскиот амбасадор.

„Овој софтвер“, според директорот Иванов, „кој денеска го добиваме ќе придонесе во зајакнување на техничките капацитети на Управата за финансиска полиција, со што ќе се приближиме кон нашата крајна цел, а тоа е модернизирана и во целост професионализирана служба. Управата за финансиска полиција со овој проект има за цел управување со содржини и процеси, кои ќе овозможат едноставен проток на документи и информации.

Тој додаде дека системот ќе овозможи и забрзување на предистрагите преку филтрација на релевантни докази. Самото решение, рече тој, има за цел намалувањето на секојдневните трошоци и зголемувањето на ефикасноста на вработените.

Регионалниот менаџер во Даночната и царинска управа на Обединетото Кралство потенцира дека Даночната и царинската управа на Обединетото Кралство негува долга и конструктивна соработка со Северна Македонија и таа отсекогаш била многу продуктивна.

„Преку нашата мрежа на офицери за врски кои работат на фискален криминал и овде и во регионот, целиме кон градење силни релации со доверливи партнери, не само за да им помогнеме на меѓународните цели на Даночната и царинската управа на Обединетото Кралство, туку да ги идентификуваме и можностите каде што можеме да им помогнеме на нашите партнери во борбата против организираниот криминал и корупцијата, каде и да се случи”, посочи Пертриџ.

Новиот систем во Управата е донација од Обединетото Кралство кое се реализира преку Амбасадата на ОК во земјава, а се имплементира од Даночната и царинската управа на ОК.

Тоа претставува софтверско решение кое ќе го зголеми оперативниот капацитет на Управата за финансиска полиција за подобро следење и откривање на организираниот криминал и ќе ја подобри ефикасноста на процесите и процедурите со што ќе ги подобри перформансите во борбата против сериозниот и организиран криминал.