Економија 28.01.2019 15:49

Повеќето централни банки во еврозоната престануваат да издаваат банкноти од 500 евра

Повеќето централни банки во еврозоната престануваат да издаваат банкноти од 500 евра

Седумнаесет од 19-те централни банки во еврозоната запираат од денес да емитираат банкноти од 500 евра, нарекувани „Бин Ладенки“ поради обвинувањата дека најмногу ги користат шверцери, бидејќи 1 милион евра во такви апоени тежи едвај 2,2 килограми, пренесе „Франс прес“.

Покрај тоа, тие се користат премалку во секојдневната економија, коментира агенциите.

Единствено Австрија и Германија, кои се особено приврзани кон парите во готово во секојдневието, ќе продолжат и покрај тоа да ги издаваат овие банкноти уште три месеци, до 26-ти април.

Малите виолетови апоени од 500 евра ќе останат во оптек и ќе можат да се користат како платежно средство, прецизира Европската централна банка (ЕЦБ), која донесе одлука за нивно запирање уште во 2016-та година поради лошата репутација. Тие сепак постепено ќе бидат отстранети.

Во моментов банкнотите од 500 евра се само 2,4 проценти од вкупниот број на евро банкнотите во оптек и малку над 20 проценти од вкупната вредност или околу 261 милијарди евра, според статистичките податоци на ЕЦБ. Во ноември во оптек биле близу 521 милиони такви апоени.