Финансии 12.06.2023 10:34

ПОЗИТИВНИ ДВИЖЕЊА ВО ТИРЗ: За пет месеци 700 вработувања и извоз од 1,6 милијарди евра

ПОЗИТИВНИ ДВИЖЕЊА ВО ТИРЗ: За пет месеци 700 вработувања и извоз од 1,6 милијарди евра

Во ТИРЗ засега опстојуваат 16.900 работни места, а бројката, како податок за мај, е дел од редовната месечна анализа што ја подготвува Дирекцијата за технолошко-индустриските развојни зони. Споредбата со состојбата од ланскиот мај покажува зголемување за 15%. Додека, пак во однос на истиот месец од 2021 и 2020 година, се работи за раст од 21 и 25 проценти. Притоа, се посочува дека само од почетокот на годинава во ТИРЗ се реализирани речиси 700 вработувања.

Анализата упатува и на фактот дека кај извозот има раст од 13% во однос на истиот петмесечен период од 2022 година. Што значи дека во овој сегмент се нотира континуиран напредок, бидејќи споредбата со 2021 покажува натфрлање од 22 проценти. Оттука и достигнато ниво од 1,601 милијарда евра. Месечната статистика вели дека во мај компаниите кои работат во рамките на ТИРЗ оствариле извоз од 373 милиони евра. Во анализата се нагласува дека тоа не само што е највисока реализација од почетокот на годинава, туку и во од и највисоко ниво на нос на петтиот месец во изминатите четири години.

Увозот во петте месеци од годинава достигнал над 1,300 милијарди евра. Тоа е за 2% повеќе од истиот период лани, а како што е наведено во анализата, на исто рамниште со 2021 година. Инаку, во во мај е направен увоз од 285 милиони евра, што е речиси идентично со податокот од истиот месец лани. Сепак, за 14 проценти е повеќе споредено со мај 2021 година.

Поради ваквите економски движења продолжува и позитивниот тренд на раст кај нето-извозот, кој заклучно со мај е 31,5 проценти, наведено е во анализата.

Во тој контекст и очекувањата трендот на раст да продолжи и понатаму, бидејќи последниве две и пол години се постигнати договори во вкупен обем од над 850 милиони евра. Воедно, тие треба да креираат повеќе од осум илјади нови работни места.

Во технолошко-индустриските развојни зони дејствуваат повеќе од 30 компании. За привлекување на странските инвеститори Владата обезбедува сет од бенефиции, меѓу кои финансиска поддршка, ослободување од данок на добивка, стопроцентно намалување на данокот на личен доход во период од една деценија, долгорочен закуп на земјиште.